На 16 февруари 2013 година во Центарот за култура „Григор Прличев” – Охрид во 19:00 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии од Фото Кино Клубот- Битола
Долги години во Битола, фотографијата за разлика од нејзината примарна цел, претежно беше употребувана само во комерцијални цели. Некаква слободна дефиниција за тоа би било, дека фотографот бил платен за фотографија, наместо за уметничко дело. Со формирањето на Фото Кино Клуб – БИТОЛА работите почнаа да се менуваат, долгогодишната желба и потреба на неговите членови за организирано делување на полето на фотографијата и филмот вроди со плод.
Надоградувајќи се на долгата фотографска традиција во градот на конзулите, ФКК Битола се ориентира кон техничко усовршување и следење на современите трендови на фотографијата и филмот како уметнички израз на визуелната култура.
Придржувајќи се до овие начела членовите од ФКК Битола во соработка со Центарот за културен проток АРТерија од Охрид ќе се претстават за прв пат пред охридската јавност со своја самостојна клупска изложба на уметнички фотографии наречена „Погледи”.