Изложба на фотографии со мотиви од Скопје во КИЦ

Вчеравечер (петок, 9 март 2012 година), во Изложбениот салон на Културно информативниот центар – Скопје, беше отворена Изложба на фотографии од Конкурсот за избор на најдобра фотографија со мотиви од Скопје, што неодамна го распиша Градот Скопје.


Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во рамки на отворањето на изложбата  на авторите на најдобрите фотографии им ги врачи наградите, а на сите учесници на Конкурсот им додели признанија.

– Фотографијата е уметност, наука и практика, којашто  кај гледачот предизвикува драматичен ефект, го насмејува, предизвикува страв, а вистински погодок е ако се пронајдете  во приказната. Единствената порака, освен уметничката димензија на фотографијата е тоа што таа, сама по себе, е сведошто за едно време, место, народ, начин на живот, односно создавање  трајни слики  и приказни  низ историјата на човештвото, онака како што нашите фотографи-учесници во Конкурсот ја доживуваат и пренесуваат  преку своите фотографии, рече градоначалникот Трајановски.

Теми за фотографиите и добитници на наградите се:

– За темата „Скопје-Градот што се менува“, првата награда  ја доби Наќе Батев од Скопје за фотографијата  -Фонтаната на плоштадот Македонија со споменикот „ Воинот на коњ“, втората награда му припадна на Дарко Котевски од Скопје за фотографијата „Мајка со дете“, а третата награда ја доби Дарин Ангеловски од Скопје за фотографијата „Ново-старо Скопје“.

– За темата „Старата скопска чаршија и знаменитостите, односно сакралните објекти во Чаршијата и  Калето“ , трите први награди отидоа во рацете на Сања Бадаровска од Скопје за фотографијата „Чаршија 1“, Звонко Плавевски од Скопје за фотографијата „Чергар “ и третата награда ја делат Сања Бутерин од Скопје за фотографијата „Велосипед пред берберница “и Марија Костовска од Скопје за фотографијата „Ноќ во чаршијата“.

– А за темата „Водите и убавините на Скопје“,првата награда ја доби Влахо Бранџолица – од Скопје за фотографијата „Чамци -Матка “,втората награда- Ангел Ситновски- од Скопје  за фотографијата „Кајче“, а третата награда- Кирил Штрков- од Скопје за фотографијата „Козјак“.

Целта на овој конкурс е промоција на градот Скопје низ фотографија, а воедно и поттик за авторите, да создаваат дела базирани врз начелата за љубов, откривање и претставување на убавините на градот, како и отсликување на начинот на којшто пулсира животот во еден град, како сведоштво за времето во коешто е создавана фотографијата.

Поради големиот одзив на Конкурсот (околу 800 фотографии) и преубавите фотографии на учесниците коишто низ објективот на нивните фотоапарати, успешно ги илустрирале своите чувства за градот во којшто живеат, неговото пулсирање и како низ призмата на својот фотообјектив го доживувааат денешното Скопје, Град Скопје донесе одлука, покрај наградените пред јавноста ќе бидат изложени уште триесетина фотографии од Конкурсот.

You May Also Like