Изложба на Фахредин Спахија во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре (четврток, 6 септември 2012 година) со почеток во 21:00 часот, ќе се отвори изложба на Фахредин Спахија со наслов Спирит.

Косовскиот фотограф Фахредин Спахија е еден од водечките претставници на овој медиум во Косово. Неговиот циклус „Дух“, со кој се презентира пред македонската публика е еден поширок приказ на мошне импресивни фотографски решенија со поширок дијапазон на тематски дискурси, во кој приматот го заземаат портретни претстави, а потоа следат и неколку пејзажи, лајф-фотографии, патеписи и слично.

Драмата на овие црно-бели фотографии и одличната моќ на перцепција се клучната оска околу која се надградува силината на фотографскиот говор на Спахија. Вештата техничка надградба и искусното познавање на тајните на занаетот и медиумот резултираат во исклучително издржани фотографски целини.

Во режирани или почесто случјано уловени аспекти (моменти) циркулира аурата на проникнување во срцевината на индивидуалната хуманистичка сензација и емоција, во доловувањето на психолошки состојби и експресивни преживувања, животни судбини, премрежиња. На неговите фотографии се пронижува историја, религија, традиција, социјални аспекти, последици на војната, магија на природата итн.

Кустос на изложбата е Ана Франговска, кустос во Национална галерија на Македонија.

 

You May Also Like