Започнува „Нашиот мал фестивал“

Денеска (петок, 14 декември, 2012) во Големата сала на Домот на AРМ во 10:00 свечено ќе биде отворен првиот едукативен и филмски фестивал во Македонија „Наш мал фестивал“.

„Нашиот Мал Фестивал“ е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови од европска продукција и многу забавни содржини.

Примарната цел на едукативните активности е да им се овозможи на децата да го збогатат своето знаење вон формалната едукација преку учество во работилници специјално дизајнирани да ја поттикнат креативната страна на нивната личност, додека пак европската филмска програма нуди исклучителна селекција на филмови целно наменети за детската публика, што е дополнителен поттик за ширење на културните хоризонти во правилна насока, но и за развивање на личноста на детето воопшто.

Програмата на фестивалот е бесплатна, а вратите на Домот на АРМ ќе бидат отворени за сите посетители од 10 до 16 часот во текот на трите дена, се до недела, 16 декември.

„Нашиот Мал Фестивал“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и Канцеларијата на ЕУ во Скопје, а на отворањето ќе се обратат министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, амбасадорот на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав, како и организаторот на фестивалот Иво Антов.

You May Also Like