Изложба на Наташа Андонова во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре (петок,  18 ноември 2011 година) со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложба на Наташа Андонова со наслов Ние. На изложбата ќе бидат претставени околу 80 цртежи во техниката јаглен на хартија.

Од текстот во каталогот: “Цртежите на Наташа Андонова не викаат… Тие се тивок и суптилен визуелен дневник за личностите, миговите и предметите… за интимниот свет на авторката и спокојството на нејзиното секојдневие, нејзините најблиски…

Во цртежот на Наташа Андонова, како основни модуси на нејзиниот креативен израз се потенцира нејзината доследност во гравитирањето кон медиумот цртеж и аналитичност во константното тивко и ненаметливо трансформирање на класичниот мотив (портрет и мртва природа).

Изборот на цртежот како основен медиум за пренесување на идејата на авторката, произлегува од основните технички карактеристики на оваа “алатка“ која обезбедува директна интеракција на идејата и медиумот, како што се: непосредност, скицуозност, студиозност, интимност, непосредност, брзина во скицирањето на новите идеи и визии…

Токму директната постапка на бележење и брзината на изведбата на цртежот го потенцира и непосредно се врзува со значењето на моментот од секојдневието, неговите интимност и минливост. Во таа смисла, и самата авторката, пак, својата потреба од изразување на личниот дневник преку цртеж ја толкува како “потреба да се протолкува секојдневното дејствување и сопствениот простор“, незаменлива активност која со едноставна миметичка искреност на линијата раскажува приказни за најрелаксираните моменти од нашиот живот (во случајов домашната атмосфера, спокојството од домот).

За Наташа Андонова важен е самиот процес на работа и создавање, конкретно цртежот кој е произлезен од самиот акт на цртање како директен и личен израз, белег, трага… Изборот на композициски решенија и поглед од повеќе различни агли на исти фрагменти од стварноста, секако се должи на искуството од работа на филм; конкретно решенијата од стори борд таблите се присутни во начинот на кадрирање, серијалност, репетитивност, размножување”- вели Маја Чанкуловска Михајловска.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија и истата ќе биде отворена до 3ти ноември.


Биографија

Наташа Андонова е родена 1974 година во Скопје. Дипломирала во 1999 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство. Магистрирала во 2010 година на истиот факултет. Од 2002 година е член на ДЛУМ, а во 2006 година имала студиски престој во Париз, Франција.

Самостојни изложби:
2011    Скопје, НИЕ, Национална галерија на Македонија, објект Мала станица
2010    Скопје, Цртеж, идентитет, Факултет за ликовни уметности, Сули ан
2009    Скопје, Јаков и море од приказни, Културен центар ЦК
2005    Битола, Секвенци од времето, Завод и Музеј – Битола, Галерија Магаза
2003    Скопје, Цртежи, Културен центар Точка
1997    Скопје, Цртежи и пастели, Факултет за ликовни уметности, Сули ан
1993    Скопје, Цртежи, Сојуз на архитектите на Македонија, Безистен

Селектирани групни изложби:
2010    Скопје, Др. Глобал, Мр.Локал, ДЛУМ, Музеј на современата уметност – Скопје
2009    Скопје, Светска галерија на цртеж, Остен
2008    Париз (Франција), 107 Македонски уметници во Париз – ДЛУМ, Cite Internationale des Arts Paris
2007    Скопје, Моменти, Младински културен центар
2004/05    Скопје, Цртеж: р’т, еж.., Контрапункт (повеќе градови низ Македонија)
2004    Струмица, Четири авторки – четири погледи, Дом на култура
2003    Скопје, 6-то Биенале на млади уметници, Музеј на современата уметност – Скопје
2002    Скопје, Во потрага по убавото, Музеј на град Скопје, Отворено графичко студио

Селектирани проекти:
2010     Костимограф на играниот филм Мал бог на љубовта, режија: Жељко Сошиќ, Догма Студио (Црна Гора) и Кавал Филм (Македонија)
2007    Асистент костимограф на играниот филм Сенки, режија: Милчо Манчевски, Сенка продукција, Скопје
2004    Сет дресер на играниот филм Контакт, режија: Сергеј Станојковски, продукција Филм Студио дооел – Скопје
2004     Костимограф на краткиот игран филм Просечна брзина, режија: Наум Микајловски, Кавал Филм Продукција
2003    Сет дресер и story-board на краткиот игран филм Бубачки, режија: Игор Иванов Изи, Сектор продукција, Скопје
2000    Асистент на костимографија на играниот филм Прашина, режија: Милчо Манчевски, History Dreams (DUST) Ltd London
1996    Асистент на костимографија на театарската претстава Амадеус, режија: Златко Славенски, Драмски театар, Скопје

You May Also Like