Еден ден да не ги фати зли очи!

Во ова видео е документирана стара свадбена традиција на населението кое живее во селото Долно Љубиње во Косово, село кое се наоѓа на падините на Шар Планина на само неколку километри оддалечено од македонската граница.

Се работи за свадбен обичај кој се изведува на самиот ден на свадбата, каде што лицето на невестата се шара, се слика, се исцртува од страна на вешта жена специјално повикана за оваа прилика. При чинот на шарање жената која е специјализирана за оваа работа се служи со разни техники употребувајќи најразлични предмети како врбови гранчиња, игли, лепење на срма, монистра и др. Невестата се подготвува, се исцртува во татковата куќа на самиот ден на нејзината свадба со една единствена цел, за да се заштити од лошата среќа, односно да се заштити од урокливи зли очи.

Ваков сличен обичај е застапен и на територијана на Македонија и тоа кај Македонците со исламска религија, населени во селата Цветово, Елово, Држилово, Долно Количани од етничкиот предел Скопска Торбешија како и во селата Урвич и Јеловјане од поширокиот етнички предел Гора. Во овие предели овој обичај се среќава под името „пишење на невестата“. Тука преку „пишењето“ односно исцртувањето, шарањето на лицето на невестата се доаѓа до едно видео изменување на лицето и прикривање воопшто, да не се познава идентитетот на невестата, на тој начин би се извршила една превентива, заштита од лошите, зли, урокливи очи.

Виктор Трајановски

You May Also Like