Отварањето на петтата изложба на уметничката група МОМИ, „Полукружење“ е вечер (сабота, 18 мај 2013), 20:30, Центар за култура „Глигор Прличев”, Охрид. Изложбата е во организација на Центар за културен проток АРТерија и НУ Центар за култура „Глигор Прличев” во Охрид.
Прекинато кружење, прекинат тек, прекин на еден апсолут како начин на доаѓање до артистичко решение…
Создавање на сопствена интимна визуелна претстава, која лебди меѓу нашите сопствени мисли и мислите на другите, но сепак успева да се конектира со различни дискурси… Колку животот се протега надвор од своите субјективни граници и раскажува приказна за ефектите од глобалната културна интеракција, која има силна потреба од постојано реконструирање?
Полукружење, кое го прекинува цикличното повторување на безпринципиелното игнорирање на суштинските проблеми на женските, воедно и поинаквите перспективи. Во потрага по нови визуелно концептуални референци и методи во просторот, каде секој создава, делува, руши, убива во својот, туѓиот и сечиј приватен/неприватен простор и приватна/неприватна мисла и идеја…
Со сеприсутно користење на непопустливи креативни тактики, делата рефлектираат нова претстава, применуваат различни правила од животот, фокусирани на разбивање на веќе создадената догматична, јавна и интимна мисла… продукција која стои притаена зад сериозна работа, со употреба на секојдневните предмети кои се подложат на ново конципирање и реализација на разбивање на стереотипниот менталитет и признавање на поинаква интимност.
МОМИ е група од седум уметници, Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска, Христина Зафировска, кои на голем број заеднички проекти соработувале уште во рамките на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. обединети пред се поради сличниот сензибилитет и пристап кон темите кои ги обработуваат во своите дела.