Познатиот пијанист Аркадиј Володос на Охридско лето

Еден од најистакнатите и најпознатите пијанисти во светот – Аркадиј Володос, на 19 јули (сабота) во 21:– часот ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ како еден од најексклузивните гости на фестивалот „Охридско лето“.

arkadij_volodos

Овој „гениј на клавијатурата“ уште од своето деби, во 1996 година, постигнува бројни успеси низ целиот свет, свирејќи во најпрестижните сали, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти, издавајќи бројни компакт дискови. Со својата безгранична виртуозност и поетичност во изведбата Аркадиј Володос ќе не врати во времето на романтизмот, преку убавите звуци на Франц Шуберт, Јоханес Брамс и Роберт Шуман.

„Несомнено е дека Аркади Володос е името по кое ќе се памети 54тото издание на фестивалот Охридско Лето. Особено ми е драго што после неколку години договарање, конечно го имаме Маестро Володос за прв пат на фестивалот и во Македонија. Володос е предводник на пијанистичката елита на денешницава, а неговото доаѓање значи вистинска гордост и почестеност за фестивалот. Овој „гениј“ со своето исклучително и неверојатно изведувачко мајсторство постојано ја придобива публиката низ целиот свет. Длабоко верувам дека неговиот концерт ќе биде посебен музички настан кој несомнено ќе остави длабоки траги во сеќавањаta на публиката“ – изјавува селекторот на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Богатата изведувачка активност го носи овој уникатен пијанист во речиси секој дел од светот. Аркадиј Володос настапувал во Европа, Азија и Америка, каде соработувал со најеминентните оркестри, како: Берлинската филхармонија, Израелската филхармонија, Минхенската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Њујоршката филхармонија и др., предводени од реномирани диригенти, меѓу кои Зубин Мехта, Лорин Маазел, Мјунг-Ван Чунг, Џејмс Левајн и многу други. А оваа година Аркадиј Володос токму на фестивалот „Охридско лето“ за прв пат настапува во нашата држава.

You May Also Like