Во Музејот на Град Скопје вечер ќе биде отворена изложба на сите проекти со кои Република Македонија учествуваше на Венециското биенале на архитектура од 2004 до 2012 година.
Првпат на едно место ќе бидат прикажани петте проекти кои државата ги претстави на манифестацијата во Венеција на која на секои две години се презентираат архитектонски трудови од цел свет.
На првото учество во 2004 година, РМ го претстави проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“, а потоа следуваа: „Град на можни светови“ (2006, кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон); „Метамак отсечоци“ (2008); „Учење архитектура“ (2010) и „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“ (2012).
Одделните изложби ќе бидат надополнети со фотографски и видеоматеријал, на кои е прикажан процесот на реализацијата на изложбите од почетната идеја до конечната реализација во Венеција.
Учествата на Република Македонија на Венециското биенале на архитектурата финансиски беа поддржани од Министерството за култура на Република Македонија. Музејот на Град Скопје беше организатор на сите учества на РМ на биеналето, со поддршка од Архитектонскиот факултет во Скопје.
Комесар на петте учества беше Фросина Зафировска од Музејот на Град Скопје, а куратори беа: Влатко П. Коробар (2004, 2008), Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља (2006, 2008, 2010) и Александар Радевски и Саша Тасиќ (2012). Како автори на проектите учествуваа над 30 професори и архитекти и 101 студент на прва година на Архитектонски факултет (2009/2010) за учеството во 2010 година.
Изложбата на петте проекти ќе биде поставена до 6 април 2014. На нејзиното конципирање заедно со екипата од Музејот на Град Скопје и кураторите на изложбите работеа и авторите Бетим Зекири, Никола Стрезовски, Јован Ивановски и Владимир Десков.