Македонската филхармонија вечерва (четврток, 13 март) ќе одржи концерт со рускиот обоист Алексеј Огринчук …
Алексеј ќе настапи како солист во Концертот за обоа и оркестар од Јозеф Хајдн, едно од најпопуларните дела за обоа, а ќе се претстави и како диригент, водејќи го оркестарот низ прекрасните класици: Соната бр. 1 од Џоакино Росини, исклучително ретко изведуваната Симфонија бр.24 од В. А. Моцарт, како и романтичната Серенада за дувачи, виолончело и контрабас од Антонин Дворжак.
Алексеј Огринчук е еден од најистакнатите обоисти на денешницата, дипломира на школата за музика „Гнесина“ и Парискиот конзерваториум, учејќи со Морис Бурж, Жак Тис и Жан-Луј Капацали, каде созрева како уметник кој комбинира неверојатна техника со виртуозност и лирицизам.
Роден во Москва, Алексеј уште на тринаесет годишна возраст настапува низ цела Русија, Европа и Јапонија, победувајќи на бројни натпревари, меѓу кои и ЦИЕМ натпреварот во Женева на само 19 години. Од август 2005 година, Алексеј е прв обоист на Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам раководен од Марис Јансонс, позиција која ја стекнал по неговата работа како прв обоист во Ротердамската филхармонија под раководство на Валери Гергиев. Алексеј Огринчук предава на Кралската академија за музика во Лондон.