Утре вечер, (среда, 18 април) со почеток од 20:00 часот во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложба на икони од битолскиот иконописец Златко Лечковски. На изложбата уметникот ќе се претстави со 40 икони работени во период од 1998 до 2012 година.
Богородица (Умиление), Богородица (Поширока од Небесата), Благовестие, Св.Никола, Св.Климент Охридски, Св.Великомачленик Георгиј, се само дел од иконите кои ќе бидат изложени во галеријата.
БИОГРАФИЈА:
Златко Лечковски, иконописец и фрескоживописец, е роден во Битола – 1982 година. Неговите почетоци се проткаени со сликање на најразлични теми, но подоцна се одлучува и се фокусира само на сакралното сликарство (иконите). Се доусовршува во Црковното ателје (кај двајца иконописци) во Битола – посетувајќи ги 2 години. После следува период на изработка на неколку престолни икони за иконостаси, како и живописување на неколку Цркви и мали Манастири во Преспанскиот дел. Неговите икони-фрески се посебно добро оценети во соседна Грција. Живее и работи во Битола.