Министерката за култура Канческа-Милевска утревечер (среда, 18.4.2012 година) со почеток во 20:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе се обрати на свеченото отворање на манифестацијата „Кочани – град на култура за 2012 година“.
Отворањето на манифестацијата ќе биде проследено со повеќе културни содржини, а на летната сцена на Центарот за култура концерт ќе одржи и групата „Монистра“.
Кочани е деветти град кој е организатор на оваа манифестација, и ќе понуди богата културна програма со конкретни квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности на културата чии носители ќе бидат културните институции, почнувајќи од Центарот за култура „Бели Мугри“, Библиотеката „Искра“, здружението на граѓани „Мактеон“ и други.
Во текот на целата година ќе бидат презентирани 135 настани- театарски претстави, ревии на филмови, музички концерти, ликовни изложби, литературни промоции и многу други културни содржини.
Досега домаќини на ова случување, кое придонесува за создавање рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци и Гевгелија.