Изложба на Иванчо Талевски на Бит Фест

Денеска (сабота, 18 август, 2012 година) во 20:00 часот
во изложбениот простор при Заводот и музеј- Битола, ќе биде отворена изложба на Иванчо Tалевски.

Се работи за 12 најнови графики кои Талевски ги има работено во последните две години. Изложбата ќе биде отворена една недела, со што љубителите на уметноста ќе можат подолго да уживаат во нив.

Иванчо Талевски неколку години живее и работи во Филаделфија, САД.
Дипломирал на “Maryland Institute College of Art,” а магистрирал на школото за дизајн на “University of Pennsylvania”.  Тој е активен уметник и веќе 4 години предава на Универзитетот Пенсилванија (University of Pennsylvania) и Универзитетот Темпл (Temple University- Tyler School of Art)во Филаделфија.

Како ценет уметник, Талевски често е канет како предавач или критичар на други ликовни школи низ САД. Константно учествува во изложби на неколку континента. Многу пати своите дела ги претставил на изложби во Итернационалниот Центар за графика во Њујорк каде можат да се видат графиките на досега најпочитуваните уметници и најсовремените изрази од графиката  денес. Иванчо Талевски во својата кариера како уметник е добитник на медал на Биеналето во Гуанлан, Кина во 2009 година, трикратен
добитник на грантот “Елизабет Гриншилдс” (Elizabeth Greenshields) од Канада за фигуративна уметност во 2001, 2006 и 2009 година, добитник е на престижниот грант “Полок Краснер” (Pollock Krasner)од Њујорк и многу други признанија и награди.

Оваа есен Центарот за графика од Филаделфија ќе се претсавува со неговите дела на саемот за графика “Editions/Artists Book Fair” кој ќе се одржи во Њујорк.

You May Also Like