Изгорен до темел конакот на Трескавец

Манастирскиот комплекс Трескавец над Прилеп, кој е еден од најважните споменици на културата во Македонија и пошироко, вчера беше оштетен во голем пожар што ги зафати конаците.

Kомплексот е од 13 век, а досега преживеал две големи огнени стихии. Три армиски хеликоптери, пожарникари од Дирекцијата за заштита и спасување од Македонски Брод, Kрушево, Kичево, Битола и од Прилеп, како и граѓани што сами дојдоа на местото го гаснеа вчера големиот пожар.

По пожарот што го пеплоса манастирот Бигорски во 2009 година, ова е уште еден голем манастирски комплекс во кој избувна пожар. Огнот избувна вчера некаде околу 13 часот. Веднаш беа алармирани надлежните служби, но поради непристапноста на теренот, им требаше време да пристигнат.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со градоначалникот Ристески  и Епископот  Хераклејски – Господин Климент, го посетија изгорениот манастирки комплекс Траскавец. Министерката посочи дека загубата е голема.

Градоначалникот Марјан Ристески за денеска свика итна и вонредна седница на Економскиот совет. Воедно денеска ќе се одржи и вонредна седница на Советот на општината.

Пред 23 години пожар го пеплоса манастирот, но граѓаните и фирмите во Прилеп го реконструираа за една година. Неодамна започна и градба на асфалтен пат од девет километри, динасирана од Министерството за транспорт и врски со 1,5 милиони евра.

You May Also Like