Утре (понеделник, 11 јуни 2012 година) заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ во реномираниот Државен музеј на слики и скулптури во Анкара (Република Турција) ќе се обрати на свеченото отворање на манфестацијата „Денови на културата на Република Македонија во Анкара“ која ќе се одржи на 11 и 12 јуни.
Во рамките на манифестација, македонската култура ќе биде претставена преку интересни содржини преку кои ќе се презентира македонското природно и културно наследство, македонскиот фолклор, но и македонската современа музичка изведба.
Турската јавност утревечер ќе има можност да ја проследи изложбата на фотографии од Република Македонија, на кои се претставени природните и културно-историските убавини на нашата земја. Концерти во музејот ќе одржат и триото „Интерарт“, како и Ансамблот за народни игри и песни “Танец“.
Во вторник, во општината Кечиорен во Анкара, програмата продолжува со панел-дискусија на тема “20 години дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција“. На панел-дискусијата, свои видувања на темата, покрај заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, ќе дадат и академикот Луан Старова, како и историчарот и директор на Музејот на македонската борба Бранислав Светозаревиќ.
Во рамките на настанот ќе биде одигран и пријателски фудбалски натпревар помеѓу Македонија и Турција. Манифестацијата вечерта во општината Кечиорен ќе биде заокружена со уште еден концерт на Ансамблот “Танец“ и со рецитал на триото „Интерарт“.
„Деновите на културата на Република Македонија во Анкара“ се одржуваат во рамките на одбележувањето на дваесет години дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција и се во организација на Министерството за култура на Република Турција, Амбасадата на РМ во Анкара, општината Кочиерен, како и со поддршка на Турската интернационална агенција за соработка и развој -ТИКА.