Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 16 октомври 2012 година (вторник), во 20 часот ќе се отвори изложба на Вахиде Хасанагиќ Ниманбегу.
Вахиде Хасанагиќ Ниманбегу, од Црна Гора – Улцињ, е расна сликарка која создава моќни платна во кои бојата на Медитеранот блеснува, тоа се слики во кои вештината на сликарскиот занает виртуозно му се наметнува на реципиентот како прерогатив кој ја дефинира уметничката комплексност на авторката.
Инфантилните цртежи кои ненаметливо пулсираат на делата, линијата и графиката блиска на детската или арт-брут сензитивноста се квинтесентни во нејзиниот уметнички вокабулар. Примитивните прикази асоцираат егзистирање на жив свет, тоа се симболи на едно постоење, зголемени микроскопски прикази на минијатурни суштества чија ликовна визуелизација со интимистичка интонација се дел од ведрите и оптимистички апстрактни пејзажи на Вахиде.
Изложбата ќе ја отвори Халиде Палоши, директор на Национална галерија на Македонија. Одговорен кустос на изложбата е Ана Франговскa.