Рекорден број посетители на „Браќа Манаки“

Во последните четири години, од година во година, сè поголем е интересот на публиката за програмата и содржините на ИФФК „Браќа Манаки“. Годинава се очекува да се забележат рекордни над 16.000 посетители на фестивалот.

 

Покрај филмската програма, годинава, не само што е целосно реновирана малата сала и озвучувањето во истата, како и дел од опремата во Големата сала на битолскиот центар за култура туку и офф-програмата е поорганизирана – секоја вечер настапува различен бенд и ди џеј, што ќе каже забава до раните утрински часови.

А, публика има, не само во протоколарните делови туку салите се преполни во сите програми: главната, документарната, специјалните проекции, Нови визии. Според очекувањата, меѓу битолчани голем интерес предизвика и прикажувањето на филмот „Битола, мој роден крај“ на Јасин Али Туркери, на кое присуствуваше градоначалникот Владимир Талески, претставници на одредени македонско-турски друштва, голем број еминентни граѓани, филмофили.

Многумина велат дека фестивалот годинава  ја покажа својата зрелост, но истовремено и својот шарм во приодото кон забавата.
Директорот на Центарот за културата, Борче Димитровски, вели дека бројката на посетители се зголемува секоја година и ако во 2009 година имало 10.000 посетители а во 2011 година 15.000, годинава се очекува да се забележат рекордни над 16.000 посетители на фестивалот.

– Значителен е напредокот на „Браќа Манаки“ од турбулентните 2007 и 2008 година кога бевме фрлени во еден импровозиран фестивал, кој малку личеше на филмски фестивал  од европски и светски ранг во каков што прераснува сега а каков што потенцијал имал од самото основање – вели Димитровски.

Тој додава и дека веќе е започната и дигитализацијата на Големата сала и треба да се заврши во текот на следната година навремено за следното издание на фестивалот.

Посетителите надвор од Битола пак велат дека фестивалот, покрај филмската програма, станува препознатлив и по забавата и дека тоа е дополнителен поттик да се биде на ова место. Годинава има и специјално фестивалско кабаре и секоја вечер различен бенд и ди џј се задолжени да ги забавуваат домашните и странски гости.

Досега имавме можност да ги слушнеме бендовите Деј оф и Суперфлај како и диџеите Гоце од САФ, Сир Гоце, Иле д хер. Програмата ја подготви Илија Тирицовски. Очигледно дека публиката има сила и волја да гледа филмови но и да слуша квалитетна музика, со навистина релаксиран разговор и целосно размрдување по долгото седење на филмски проекции. Тоа може да се види по темнината на салите, но и во темината на официјалното фестивалско кафуле Порта џез и алтернативната дискотека „Лектира“, каде може да се налета на многу од гостите на фестивалот.

You May Also Like