Монашкото сестринство во манастирот „Св.Архангел Михаил“ во Берово, како дар за Воскресението Христово – Велигден, доби нов параклис од верниците на Малешевијата и бројните посетители од земјава и странство …
Параклисот е уреден во една просторија на древното здание на манастирскиот комплекс, прилагодена за секојдневните духовни потреби на сестринството. Манастирската црква е изградена пред два века, а иницијатор за тоа бил татко му на познатиот македонски револуционер Димитар Поп Гергиев – Беровски.
Манастирот „Св. Архангел Михаил“ е најпосетуваниот сакрален објект во Берово од домашните и од странските туристи. Покрај верските обреди во конаците и во дворот на комплексот се одржуваат и многу културно-уметнички приредби, како промоции на книги, литературни читања, ликовни изложби, а тука се чува и дел од оставштината на Дедо Иљо Малешевски, Никола Петров Русински, Атанас Раздолов, Димитар Беровски и други знаменити личности од Малешевијата, кои со саможртва за слободата на својот народ си обезбедиле заслужено место во македонската црковна, културна и национална историја.
Игуманијата на манастирот, сестра Синклитикија, изрази голема благодарност до беровскиот иконописец и копаничар Ванчо Чаушовски, за изработката на целивалната и другите уметнички резби во параклисот и благодарност на сите што помогнале за неговото уредување.
Во наредниот период, со заеднички напори на верниците, помош од МПЦ и од Општината, монашкото сестринство очекува да се изврши реконструкција на покривот на храмот и на дел од конаците во манстирскиот комплекс „Св.Архангел Михаил“ во Берово.