(фото+видео) Спомен плоча во Катланово за загинатите во граѓанската војна во Грција

Македонците, заедно со Грците, во Втората Светска Војна и во Граѓанската војна во Грција, се бореа против фашизмот и ја ослободија Грција од фашистичката окупација. На тој начин се вградија во државноста на Хеленската Република и поради тоа бараат права и слободи, како еднакви меѓу еднаквите, како рамноправни со рамноправните.

katlanovo makedon smk 1

Во организација на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, вчера (сабота, 15 март) на влезот на Катлановска бања, со почеток во 11 часот, беше откриен Споменик на ранетите и починатите Македонци и Грци – борци на Демократската армија на Грција (ДАГ) во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, лекувани во Болницата во Катлановска бања 1947-1948 година.

На откривањето на Споменикот присуствуваа делегации на речиси сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија, како и бројни граѓани.

На почеток се одржа панихида за починатите борци на која богослужеа свештенослужители од Скопската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. По панихидата пригодни обраќања пред присутните одржаа претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН Ташко Јованов претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и професор д-р Виолета Ачковска. Спомени од прифатот на ранетите и болните борци на ДАГ во Македонија евоцираше Раде Гогов Црноречки, автор на книгата “Лекување на борците на ДАГ во Македонија“, како организатор и одговорен за прифатот на ранетите од Грција во Македонија во 1947 година.

katlanovo makedon smk 2

По откривањето на Споменикот свежо цвеќе на Споменикот, положија делегации на општина Петровец, Катлановска бања, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Светскиот Македонски Конгрес, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин – Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Здружението на политичките затвореници судени, прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија ЅВЕЗДА од Велес, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија СВЕТИ ГЕРМАН од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ од Скопје и Славјанскиот универзитет од Свети Николе, а потоа уследи културно-уметничка програма со учениците и студентите од Ансамблот “Македонија“ со песни и носии од Егејот, оперската певица Валентина Демитриоска и Ристо Краповски. Стихови рецитираа поетесата Виолета Сековска и поетот Мирче Нешовски.

katlanovo makedon smk 3

Ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, во целина:

“Почитувани отци, ваши екселенции, почитувани пратеници, почитуван градоначалници, советници, почитувани дами и господа, почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки,

Една строго чувана воена тајна, после речиси седумдесет години, денес, за првпат се одбележува со Споменик во Катлановска бања. Споменикот кој денес го откриваме ќе остане траен паметник за местото каде во 1947-1948 година се лекувани ранетите Македонци и Грци борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ) од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Споменикот е помен и траен спомен и за сите ранети кои овде починаа и никогаш никаде оттука не заминаа. Нивните души и денес над нас бдеат, со Споменикот внесовме нивно смирение, да има каде да се собереме кога ќе сакаме овде да им се поклониме. Споменикот претставува сведоштво за помошта која тогашна Југославија преку Македонија им ја даваше на антифашистите и борците за слобода, правда и демократија во јужниот сосед Хеленската Република.

Втората светска војна од 1939 до 1945 година во Хеленската Република заврши со победа на Грчката народно ослободителната војска (ЕЛАС), раководена од Комунистичката партија на Елада. Македонците заедно со Грците масовно учествуваа во ослободувањето на Хеленската Република од германските фашисти односно окупатори, во сојуз со грчките монархофашисти. Македонците во Егејскиот дел на Македонија веруваа во ветувањата за автономија, се’ до обединување на Македонија.

katlanovo makedon smk 4

За жал, со договорот меѓу Сталин и Черчил во 1944 година, Грција и’ припадна на Велика Британија, а Романија и Бугарија на Русија. Тоа, ја промени историјата на Грција, на Македонците и на Македонија.

Заради страв од комунизација на Грција по Втората Светска Војна, со победата на Комунистичката партија на Грција (КПГ) и ЕЛАС, Велика Британија ги врати монархофашистите на власт. Тие пак, жестоко се пресметуваа со поранешните борци на ЕЛАС, посебно со Македонците кои се бореа со Грците против германските фашисти и грчките монархофашисти. Судирите меѓу единиците на ЕЛАС, со владината грчка војска и полицијата, помогнати од британските единици, започнуваат на 4 декември 1944 година во Атина и завршуваат на 12 февруари 1945 година, кога во Варкиза е потпишан договор помеѓу претставниците на грчката влада и претставниците на Народно-ослободителниот фронт на Грција (ЕАМ) за прекинување на судирите, за формирање на коалициона Влада на Грција, демобилизација на борците на ЕЛАС и предавање на оружјето. Владата формирана на преговорите во Варкиза, наместо да се заложи во Грција да завладеат мирот, слободата и демократијата, им даде неограничени права на новосоздадената војска и жандармерија, повеќето монархофашисти, да дејствуваат одмазднички, прогонувајќи ги сите кои четири години се бореле против фашистичките окупатори и тие кои ја помагале борбата на ЕЛАС.

katlanovo makedon smk 5

Не можејќи да го спречи овој терор, КПГ и другите демократски сили ја напуштаат коалиционата влада на Грција и започнуваат борба против неа, иако им беше јасно дека монархофашистите ја имаат поддршката на САД и од Велика Британија. КПГ и другите демократски сили на Грција побараа помош од Советскиот Сојуз и соседните држави во кои комунистичките партии беа на власт. Бидејќи ЕЛАС и ЕАМ повеќе ги немаше, тие создаваат нова армија со името Демократска Армија на Грција (ДАГ).

Веќе во 1946 година започнува Граѓанската војна во Грција, во која грчките монархофашисти, потпомогнати од британските сили, жестоко се пресметаа со борците на ЕЛАС и ДАГ, посебно со Македонците кои најмногу во нив учествуваа. Во оваа војна најмногу страдаат децата, изложени на системски егзодус со цел етничко чистење на Македонија од Македонците.

На 2 април 1946 година во Белград во разговорите меѓу КПЈ и КПГ постигнат е договор за помош во воена опрема и оружје, храна, лекови и медицински услуги на болните и ранетите борци во болниците во Македонија. Прифатен е и предлогот, во Политбирото на КПГ да влезе еден Македонец, Паскал Митрески кој во Солун добро соработувал со генерал Маркос, а во Главниот штаб да влезе Џоџо Урдов, истакнат борец за правата на Македонците во Егејска Македонија, како и четири инструктори за обука на борците на ДАГ.

katlanovo makedon smk 6

За болница за ранетите борци на ДАГ бил одбран воен објект кој војската на Југославија го изградила во 1930 година на местото наречено Пониква, оддалечено 15 километри од Кочани. Првите ранети во него доаѓаат во средината на јуни 1947 година, донесени од границата на Кожуф. Поради лошиот пристап и нерасполагање на потребните протетички помагала за ампутации на раце или нозе на ранетите, веќе во септември и октомври 1947 година донесено е решение да се бара друг објект за оваа намена.

Во ноември 1947 година болницата од Пониква е преселена овде во Катлановска бања, а нејзината работа продолжува до јули 1948 година. Закопот на починатите борци се решавал со носење земја од нивите, иако тоа многу не помогнало, затоа што поројните дождови често ја носеле и гробовите останувале голи на карпите.

Поради барање на околиските одбори на Скопје и Куманово за бањско лекување на граѓаните, пронајдена е нова локација за преселување на болницата. Со германски заробеници, за само три месеци од март до јуни 1948 година изградена е нова болница во Јасеново. Така летото 1948 година започнува со работа болницата во Јасеново и за кусо време болните и ранетите од Катлановска бања биле преселени во неа. Ранети и болни во Јасеново имало до есента 1949 година, односно до крајот на Граѓанската војна во Грција. Минатата 2012 година поставивме спомен-плоча во дворот на болницата во Јасеново. Ќе поставиме и на Пониква и на Маркова Нога ресенско.

Поголем број од ранетите Македонци останале во Македонија, а определен број и малкутемина Грци заминале во Бугарија, Унгарија, Романија, Чехословачка и во Советскиот Сојуз. Голем број се враќале назад на фронтот во Грција.

katlanovo makedon smk 8Последната битка меѓу владините сили и единиците на ДАГ се одиграл во регионот Грамос, Вичо и Кајмакчалан. Решавачката борба започнува на 10 август 1949 година. На 17 август 1949 година владините сили ја освојуваат планината Вичо, а на 28 август 1949 година и врвот Грамос. Борбите завршиле на 29 и 30 август 1949 година. За пораз на единиците на ДАГ, од британски и американски авиони се фрлаат напалм бомбите.

Низ овие болници во Македонија лекувани се 6.316 ранети, врз околу 2.500 биле извршени хируршки интервенции, 200 оперирани починале за време на операцијата, 146 борци починале за време не транспортот, а 46 биле донесени мртви. За жал, на починатите, закопани во близина на болниците, гробовите до денес не им се откриени, коските од времето однесени. Покренавме постапка пред надлежните за ексхумација, за достојно и христијански да бидат закопани во заедничка спомен-костурница.

katlanovo makedon smk 7Болниците на Пониква, во Катлановска бања и во Јасеново се резултат на соработката на Народно-ослободителната војска на Македонија (НОВМ) и Народно-ослободителната војска на Грција (ЕЛАС), претставуваат од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година како продолжение на Втората Светска Војна 1939-1945 година во која партизаните на Демократската Армија на Грција (ДАГ) се бореа против грчките монархофашисти. И покрај обвинувањата на Владата во Атина за мешање во внатрешните работи на Грција, Македонија ја помагаше антифашистичката војна во Грција со доставување на воена опрема и лекување на ранетите борци на ДАГ, Македонци и Грци. И во тоа не се погреши.

katlanovo makedon smk 9Македонците и во двете балкански војни и во двете светски војни беа жртви на геноцид и окупација. Простуваме ама не забораваме, било, да не се повтори. Овој Споменик е прилог кон историско македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција.

Македонците, заедно со Грците, во Втората Светска Војна и во Граѓанската војна во Грција, се бореа против фашизмот и ја ослободија Грција од фашистичката окупација. На тој начин се вградија во државноста на Хеленската Република и поради тоа бараат права и слободи, како еднакви меѓу еднаквите, како рамноправни со рамноправните.

Овој Споменик е траен помен за заедничката борба на Македонците и Грците против фашизмот во Европа. Длабоко веруваме дека еден ден, сите Македонци во Грција и прогонетите Македонци од Грција, ќе ги добијат своите права и слободи!

Вечна им слава на упокоените за правда и за слобода!

Последните три реченици и на грчки јазик.

Kυρίες και κύριοι,

Οι Μακεδόνες, μαζί με τους Έλληνες, κατά τη διάρκεια του Δεύτερου Παγκόσμιου Πολέμου και του Εμφυλίου Πολέμου στην Ελλάδα, αγωνίστηκαν ενάντια στο φασισμό και απελευθέρωσαν την Ελλάδα από τη φασιστική κατοχή. Με τον τρόπο αυτό εντάχθηκαν στο κράτος της Ελληνικής Δημοκρατίας και λόγω αυτού ζητούν δικαιώματα και ελευθερίες, ως ισότιμοι μεταξύ ισότιμων.

Το Μνημείο αυτό αποτελεί μια μνήμη διαρκείας για τον κοινό αγώνα των Μακεδόνων και των Ελλήνων ενάντια στο φασισμό στην Ευρώπη. Το Μνημείο αυτό αποτελεί έναν πρόλογο προς την ιστορική μακεδονο-ελληνική συμφιλίωση και Συμβόλαιο ειρήνης και καλής γειτονίασης ανάμεσα στη Μακεδονία και την Ελλάδα.

Πιστεύουμε βαθιά ότι μια μέρα, όλοι οι Μακεδόνες στην Ελλάδα, όπως και οι εκδιωγμένοι Μακεδόνες από την Ελλάδα, θα αποκτήσουν τα δικαιώματα και τις ελευθερίες τους!

Αιώνια η μνήμη των πεσόντων μαχητών του Δημοκρατικού Στρατού τησ Ελλάδας για τα δίκαια και την ελευθερία! Αμεν!

Изразуваме посебна благодарност на Иницијативниот одбор за изградба на Споменикот, на градоначалникот на општина Петровец господинот Борче Митевски, општината Петровец, и донаторите Крин производство Прилеп, скулпторката Валентина Стевановска, Катлановска бања, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин – Скопје, господинот Ташко Јованов, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес. Се разбира благодарност на сите претходници, на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, кои несебично вложија дел од својот живот во реализацијата на оваа благородна иницијатива, којашто денес е сведошто што ќе не собира заедно секоја година на поклон и помен за спомен кој не се заборава. Било, да не се повтори!

Ако даде Господ, на тоа работиме и сме посветени, ќе реализираме и Спомен-музеј и Спомен-парк во рамките на одбележувањето на поменот и споменот на сите Македонци и Грци борци на Демократската Армија на Грција (ДАГ) од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Нека Господ Бог не благослови сите нас, Македонија и Елада! Амин!“

You May Also Like