Издавачката куќа „Антолог“ слави 15 години

Во 2014 година издавачката куќа Антолог од Скопје прославува 15 години од своето основање.

15_godini_antolog

Минатата 2013 година ја заокружија со триесетина новообјавени дела во 16 едиции и со наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца, која му беше доделена на писателот Александар Кујунџиски за  книгата „И строфите растат“. 15-тиот роденден Антолог ќе го обележи во знакот на основачкиот слоган на куќата:  Книги за сите генерации!

„Ја почнуваме акцијата еднаш неделно да ги изненадиме читателите со нова книга. Во 15-тата година од постоењето ќе објавиме 52 наслови! Односно, сите кои ги сакаат книгите, и годинава ќе имаат можност да уживаат во најновите и најважните книги од македонски, латиноамерикански, руски, европски, канадски, балкански, американски, но пред сè – од квалитетни автори. На годинашниот саем на книгата во Скопје, но и на саемите низ градовите во Македонија, ќе имаме големи попусти и ќе доделуваме подарок-книга за секој наш купувач, за по добро да го паметите роденденот на Антолог. Во план е да ја објавиме и 115-тата книга од Александар Кујунџиски, рекордер по бројот на објавени книги помеѓу македонските писатели.Ја основавме, 17-та по ред едиција, под името „Нови планети“, наменета за тинејџерите, возраст за која досега во Македонија немавме доволно објавени книги. Планираме да стигнеме до 70-та книга од препознатливата и популарна едиција „Бранови“, фокусирана на светските прозни дела и бестселери.

Во подготовка е и официјалната веб-страница на „Антолог“, а продолжуваме со издавање на првиот електронски неделник наменет исклучиво за креативност и уметност, РЕПЕР. Веќе почнавме да го одбележуваме и јубилејот 10 години од појавувањето на најчитаниот дебитантски роман во современата македонска книжевност, Spectator. Откриваме нови дела и автори и пред да освојат планетарни рамки, како што правиме со ремек-делото „Лавр“ од Евгениј Водолазкин и со бестселер-хитот за Хитлер, „Види кој се врати“. Продолжуваме со промоција на младите автори од Македонија, на кои останува
македонската литература и книжевната иднина. Го објавуваме и специјално дизајнираниот каталог за 2014-тата.  Посебно изненадување ќе биде скорешното отворање на промотивно-креативното студио Антолог на улицата која го носи името на познатиот македонски писател, учебникар, лексикограф и историчар, Ѓорѓи Пулевски, лоцирана во Дебар Маало, блиску до сите читатели“ – се вели во соопштението на Антолог.

You May Also Like