Избрани дела од Иван Велков во Галеријата на МКЦ

Во Галерија МКЦ, денеска (понеделник, 22 април 2013) во 20:00 часот ќе се отвори изложба на избрани дела од Иван Велков.

Велков е “уметникот кој ги кршеше академските сфаќања за сликарството во 60те години на минатиот век и дел од  авангардното сликарство во Македонија и Југославија”.

Иван Велков и’ припаѓа на повоената генерација уметници. Роден, 1930 година во Врање. Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Белград, оддел сликарство.
Во историјата на македонската ликовна сцена  е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција.

Во 1954 година се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Шест години подоцна, со колегата Петар Мазев ја оформуваат познатата ликовна група “Мугри”. Многу пати изложува во Македонија, и во Европа, и пошироко. Триесетина години е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Велков почина во Скопје на 25 мај, 2008 година на 78-годишна возраст.

Во каталогот, посветен на оваа изложба, професор м-р Владимир Георгиевски, кој воедно и ќе ја отвори изложбата, ќе истакне:
„Колку помалку, толку повеќе, тоа е значењето во редуцирањето на цртежот во одредени сликарски остварувања кај Иван Велков. Тоа не е желба само за “Современост и модерност“, тоа е заложба за суштественост на пресоздадената реалност„.

Куратор на изложбата е академскиот сликар Горјан Ѓорѓиев.

Изложбата на дела од Велков во Галерија МКЦ ќе е отворена до 18. мај, по што следи изложбата на дела на Костадин Танчев – Динката.

You May Also Like