„Репер“ воведе рубрика за македонскиот јазик

Во својот петти број, кој беше објавен на 20 април 2013 година (сабота), првиот македонски е-неделник за култура „Репер“ воведе рубрика посветена на македонскиот јазик.

Оваа рубрика, која има провокативен, но истовремено и ироничен наслов, „Тајмс Њу Маседониан“, има цел да обрне внимание на важни теми од областа на јазикот во врска со тоа како тој правилно да се употребува. Уште повеќе, нејзината цел е да ги сподели мислењата и гледиштата на македонистите, лекторите, професорите, студентите и на сите оние што се занимаваат со македонскиот јазик, разгледувајќи ги актуелните јазични прашања.

Забележувајќи дека, од една страна, во македонскиот медиумски простор се чувствува недостиг од ваква рубрика, а од друга, поради сѐ почестите отстапувања од нормата и незнаењето како да се постапи во одредени јазични ситуации што сѐ уште не се официјално нормирани во македонската граматика и во македонскиот правопис, како и поради потребата на поширокиот аудиториум да му се дадат сугестии за правилната употреба на македонскиот јазик, редакцијата на „Репер“, како редакција на првиот македонски е-неделник, се почувствува повикана за воведување ваква рубрика и за отворање бројни прашања од областа на македонскиот јазик и на неговата употреба – рубрика што ќе се обиде да понуди решенија и одговори за бројни отворени прашања и дилеми поврзани со правописот, правоговорот, лексиката и со синтаксата на македонскиот јазик, да укаже на бројните неправилности што се среќаваат во секојдневната употреба на јазикот. Поаѓајќи од фактот дека јазикот е основниот постулат на кој се потпира една национална култура, редакцијата на е-неделникот за култура „Репер“ оцени дека е должна ваквата рубрика да им ја понуди на своите читатели и затоа таа ќе биде составен дел од неговите содржини во секој негов број.

Идејата е оваа рубрика да прерасне во јазичен форум, каде што и самите читатели ќе може да се вклучат со тоа што ќе остават коментар, ќе предложат тема и ќе развијат дискусија. За да се постигне тоа, е-неделникот отвори и специјална електронска адреса (mak.katce@gmail.com), на која сите читатели ќе може да ги напишат своите сугестии, дилеми, прашања и идеи поврзани со македонскиот јазик и со неговата правилна употреба.

You May Also Like