Во Струмица, утре (23 април 2013 година, вторник), со почеток во 19:30 часот, во црквата „Св. Петнаесет Тиверополски свештеномаченици“, здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст“ организира промоција на стихозбирката „Крикови од неископан гроб“ од Иван Антоновски, најмладиот член на Друштвото на писателите на Македонија.
Модератор на промоцијата на оваа стихозбирка ќе биде Митко Гогов, а промотивна беседа за книгата ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професор по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Рециталот со стихови од најновата книга на Антоновски ќе го реализира актерот Васил Михаил, а на промоцијата ќе настапи и хорот на гимназијата „Јане Сандански“ од Струмица.
Oценките на книжевната критика, искажани за оваа книга, најавија дека современата македонска книжевност добива едно ново, мошне значајно поетско дело, потпишано од млад автор. Дело во кое, како што истакна и проф. д-р Кристина Николовска: „Поезијата на Антоновски развива вкусна метаполемика со големите „адреси„ на светските великански дела”.
Само три месеци по првото претставување пред читателската публика, „Крикови од неискпан гроб“ којашто е во издание на книгоиздавателството „Панили“, не само што го пронајде својот читател, туку важи и за најпродавана поетска книга во салоните на „Матица македонска“, книга која предизвика голем интерес кај читателите и побуди бројни читателски одгласи и реакции, а беше и една од најбараните поетски книги на овогодинешниот Саем на книгата во Скопје. Тоа е една од многуте причини поради кои заслужува да биде промовирана и пред струмичката читателска публика.
Кон завршницата на преставувањето на оваа книга во Скопје, помеѓу другото беше констатирано: „Промоција значи „унапредување”. Но, вечерва ние не го унапредуваме поетот, туку тој не унапредува – нас. Покренати, воскренати, позвишени сме – ние. Блескава поетска енергија! – Да ја славиме! Да го славиме и (благо)словиме ова слово!” Поетското слово на Антоновски нека биде (благо)словено и на промоцијата на „Крикови од неископан гроб“ во Струмица. Да дозволиме овој поет, со неговите поетски крикови да нè унапреди и нас.