Промоција на новата поетска книга на Владимир Мартиновски

Денеска (среда, 17 октомври 2012 година), со почеток во 20:00 часот во Клубот МКЦ ќе се одржи промоција на поетската книга „Пред и по танцот“ од Владимир Мартиновски.

Книгата е ново издание на „Кликер книги“.Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и Влатко Галевски, новинар и филмски критичар. Стихови од книгата ќе читаат Ана Голејшка и Иван Шопов.

Во рецензијата за книгата, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, меѓу другото, вели:

Најновиот поетски ракопис на Владимир Мартиновски – Пред и по танцот – претставува, несомнено, продолжение на истиот сензибилитет, на истиот светоглед, како и на истиот структурно-композициски, идејно-тематски и стилистички концепт понуден во стихозбирката Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање, за којашто авторот ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година.

Одбирајќи го танцот како основен spiritus movens, како централна, амблемска одредница на својата стихозбирка, Мартиновски недвосмислено се определува за воспевање на бесмртноста, зашто танцот е олицетворение на: динамизмот, енергијата, екстазата (естетска, емотивна, еротска, мистична…), слободата, спонтаноста; танцот го отфрла секој облик на детерминизам и прагматизам, а тежнее за освојување на вонвременскиот простор како место за игра.

Идејниот аспект на книгата „Пред и по танцот“ кореспондира со нејзиниот формален концепт; композициски, поетскиот универзум на стихозбирката се темели врз поливалентна нумеролошка симболика и претставува низа од единаесет циклуси со по четири песни. Четири, патем речено, алудира на поетовиот стремеж по целосност, совршенство, севкупност… аналогно на сродниот комплексен арсенал од значења содржан и во поимот „љубов“.

You May Also Like