Изложба на современ накит од македонски дизајнери во Брисел

Во мисијата на Република Македонија во Брисел, Белгија, денеска (среда 17, октомври, 2012 година) во 18:00 часот ќе биде отворена изложба на современ накит од 15 млади дизајнери од Македонија.

 

На изложбата, која ќе биде поставена до 5-ти ноември, свое обраќање ќе имаат амбасадорот на мисијата на Македонија во Брисел Андреј Лепавцов и Александар Велиновски од невладината организација „Јавна соба“.

Авторите, кои се претставуваат на оваа изложба, припаѓаат на групата млади талентирани дизајнери на накит кои имаа можност да бидат дел од циклусот работилници што беа организирани годинава – работилницата за современ накит во март 2012, како и работилниците „Идентитет на бренд“  и „Дизајн на пакување“, одржани во август и во септември 2012.

Овие активности на Министерството за култура, во продукција на Здружението „Јавна соба“, ги научија дизајнерите да ги концептуализираат своите колекции, да направат истражување на пазарот и својата дизајнерска визија да ја претстават пред купувачите. Овие знаења овозможија  дизајнерите мошне успешно да се претстават на регионалните фестивали за дизајн (Миксер, Дан Д и Софија недела на дизајн), Скопската недела на дизајн и да најдат свои застапници на странски пазари. Покрај тековната изложба во Брисел, планирани се и други групни и индивидуални претставувања.

Со оваа изложба се заокружуваат активностите на Министерството за култура чија цел е да ја поттикнат оригиналната продукција кај младите дизајнери од земјава и да ја зголемат нивната самоодржливост во пазарни услови. Поддршката во секторот креативни индустрии не случајно е една од најважните стратегиски определби на Министерството за култура на Република Македонија. Инвестициите направени во 2012 година веднаш ги дадоа првите видливи резултати. Креативните индустрии создаваат културна и материјална вредност, која потоа се реинвестира во други сектори, па дури и во науката и технологијата, а овозможуваат и нови вработувања. Дури и во услови на светската економска криза, креативните индустрии не бележат пад, туку растеж.

You May Also Like