Се реновира Детскиот креативен центар во МКЦ

Детскиот креативен центар е последното парче од мозаикот именуван “МКЦ во ново руво”, проект, кој започна во 2011 год., со средства од Градот, ИПА фондовите, ЕУРИМАЖ и повеќе ктитори од Македонија.

dkc1

 

Реконструктивните зафати во Детскиот креативен центар при ЈУ МКЦ се одвиваат согласно утврдените динамика и рокови. Благодарение на средствата од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, преку Проектот “Со читање до лидерство“ кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи “Чекор по чекор“, покрај градежнореконструктивните зафати, Детскиот креативен центар ќе биде опремен со современи содржини за унапредување на јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија, една, од главните цели на Проектот.

Библиотека за најмладите ученици, математичко катче, ликовно и театарско катче, мултимедијални дидактички помагала…, се само дел од содржините кои ќе ги нуди центарот. Тие ќе се достапни на учениците, кои, заедно со своите наставници и родители ќе можат низ игра да научат многу нови работи и секако, да се забавуваат.
Според планот, кон крајот на месецот август, реновирањето и опремувањето ќе бидат целосно завршени. “Новиот” Детски креативен центар, ќе биде свечено отворен во првата половина на септември, 2014.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’, сите активности ги подготвува и спроведува во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Активностите се спроведуваат во одбрани училишта од сите региони во Македонија.

Во минатите три години, објектот на МКЦ доживеа огромни промени: енергетски ефикасна фасада, реновирана концертна сала и нова аудио и светлосна опрема, нова сцена, нов дигитален проектор, и климатизација на Кино Фросина, нова, најсовремено опремена Галерија, комплетно реновирање на Џебното Кино, санирање на куполите и ентериерот на Планетариумот, реконструкција на бифето, заменет кров, подови, врати, прозори, санитарни јазли, тоалети, радијатори, компјутери и компјутерски мрежи…

You May Also Like