Пред точно дваесет години, на денешен ден (17 март 1992 година), во Скопје, тогашните министри за надворешни работи д-р Димитриј Рупел и д-р Денко Малески го потпишаа договорот помеѓу Република Словенија и Република Македонија за воспоставување на дипломатски односи помеѓу државите.
Словенија ја призна Македонија под уставното име како една меѓу првите држави и беше прва која склучи дипломатски односи со Македонија. Исто така, прва отвори и амбасада во Скопје, а Македонија своето прво дипломатско конзуларно претставништво го отвори во словенечката престолнина Љубљана. За одличната двострана соработка, во почетокот, секако, потпомогнаа и првата словенечка амбасадорка во Скопје, г-ѓа Јожица Пухар, и првиот македонски амбасадор во Љубљана, проф. д-р Димитар Мирчев.
Одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу државите нуди можност за преглед на досегашната соработка и нуди предизвик за поглед нанапред. Секогаш добрите и пријателски двострани односи меѓу Словенија и Македонија се одразуваат и преку средбите на сите нивоа и низ големата блискост на нашите погледи врз актуелните меѓународни и регионални прашања. Тоа го докажува и динамиката на посетите меѓу државите на највисоко политичко ниво.
Државите успешно соработуваат и на економско поле, каде што остануваат отворени уште многу можности за зацврстување на оваа соработка. Словенија е една од најголемите инвеститори во Македонија, што истовремено ни претставува и една од приоритетните држави во рамките на двостраната развојна соработка. Од 2004 година, во Македонија успешно работи Словенечко-македонскиот бизнис клуб, во кој се зачленети повеќе од 130 компании. Во Битола, почнувајќи од 2005 година, успешно работи и Генералниот конзулат на Република Словенија, кој го води почесниот генерален конзул Михајло Мојсов.
Време е политичките патеки на Словенија и Македонија повторно да се приближат – овој пат преку заедничкото членство во Европската унија и НАТО. Словенија посакува Македонија што побрзо да стане полноправна членка на НАТО и да започне со пристапните преговори за полноправно членство во Европската унија.
Секако, Македонија во своите напори секогаш ќе ја има словенечката поддршка. На Македонија и стоиме во пресрет на нејзиниот пат кон приближувањето кон двете евроатлански организации и и ги нудиме своите искуства, знаење и добра пракса. Имено, сегашноста може да нè зближи многу повеќе од историјата, и цврсто верувам дека пријателството меѓу државите ќе се зачува и во иднина.
Како четврти амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, ми претставува голема чест и задоволство да работам во Скопје, вели во дописот до медиумите актуелниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, Ален Брајан Бергант.