Започнува манифестацијата „Крушево – град на културата за 2014 година“

Со концерт на Каролина Гочева, вечерва во историското Крушево официјално ќе биде отворена манифестацијата „Град на културата за 2014 година“ …

krusevo panorama

Манифестацијата, која се одржува под покровителство на Министерството за култура, ќе ја прогласи за отворена министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Крушево, како единаесетти град-организатор на оваа значајна културна манифестација, ќе понуди богата културна програма со конкретни квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности на културата, која ќе биде реализирана во установите, на плоштадот во централното градско подрачје, на Крушевското Езеро и споменикот Илинден.

Во програмата, во која ќе учествуваат уметници од сите генерации, во текот на целата година ќе бидат презентирани над 60 настани, меѓу кои и традиционални фестивали и манифестации, литературни читања, изложби на реномирани уметници, концерти на духовна музика, промоции и театарски фестивал на млади актери, а ќе бидат одбележани и значајни јубилеи на личности и дела.

Реализацијата на манифестацијата „Крушево – град на културата за 2014 година“ ќе придонесе за унапредување на културата во овој регион, за достапност на културните вредности до граѓаните, како и за заживување на културата на локално ниво, а ќе се поттикне културниот туризам во регионот.

Досега домаќини на ова случување, кое придонесува за создавање рамномерен културен развој, беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кочани, Кавадарци, Гевгелија и Крива Паланка.

You May Also Like