Во Музејот на градот Неготино вечер ќе биде отворена изложбата со наслов „Дела од Донацијата на Љубомир Белогаски“ …
На изложбата ќе бидат презентирани 25 дела-акварели, кои според концепцијата преставуваат пресек од неговото творештво, дела работени од 1935 до 1976 година со различна мотивска определба како мртва природа- Цвеќе, потоа портрети и допојасни фигури и секако пејзажи, претежно од циклусот „Бокељски мотиви“.
Со оваа изложба се одбележува 20 години од смртта на Љубомир Белогаски /1911-1994/, академски сликар и педагог, врврн мајстор на акварелот.
Академскиот сликар и педагог Љубомир Белогаски е еден од преставниците на првата генерација македонски современи сликари и основоположници на македонската современа уметност но и единствен врвен мајстор на акварелот. Роден во Делчево во 1911 година. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 година. Беше долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии и во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1949 година па се до заминувањето во пензија Белогаски беше професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Добитник е на вредни награди и признанија. Во знак на почит кон градот во кој живееше и твореше, Белогаски во 1991 година остави вреден легат, подарувајќи му на Музејот на град Скопје 159 дела акварели, работени во периодот од 1929 до 1990 гдина.
Донацијата е прва во Македонија и е од посебен интерес за државата, така што оваа збирка е од исклучителна важност.
Музејот на град Скопје ја формираше галеријата „Љубомир Белогаски“ во која се чува споменот на авторот и неговото дело, во која постојано се изложени неговите ликовни творби како патоказ за идните генерации.