Излезе од печат драмата „9“ од македонскиот писател Гоце Ристовски, прв негов објавен драмски текст. Ристовски е автор на два романи, две збирки раскази, две антологии, неколку монографии и на повеќе преводи од балканските јазици.
Во поговорот кон изданието театрологот Тодор Кузманов, меѓу другото истакнува:
„Во постмодернистички стил Гоце Ристовски селективно избира новински цитати, како што е црната хроника но и од повеќе автори (Гинзберг, Борхес, Шекспир, Шимборска и др.) кои потем ги организира за да ја структуира својата драма. А таа драма е драма за цивилизацијата која ита кон својот крај. Авторот како да ни порачува дека напредокот на цивилизацијата слично како и напредокот на болеста – води кон смрт! Внимателното читање на драмата на Ристовски ни открива дека релацијата на која тој се позиционира е омеѓена, ако не и условена од драматургијата на Бекет и Јонеско, Брехт и модерната европска драматургија на пот, крв и сперма! Во неа преовладува апсурдот, немоќта и очајот, но во неа се неизбежни и политички интонираните тези за биполарниот свет и актуелните политички случувања кои го преобликуваат нашиот свет.Ама не на подобро. Дијалогот и репликите на Ристовски „вријат“ од луцидности и досетки, но без претензија и залудна амбициозност дека нешто ќе сменат од постојниот поредок, туку тоа се дискретни и суптилни назнаки на тоа што актуелно ни се случува. Тука, но и насекаде во светот.“