Ако првото издание на „Т’к Так Фест“ ги врати спомените и приказните од осумдесетите години кога Кавадарци беше македонската рок претстолнина, тогаш вториот по ред фестивал посветен на прерано починатата македонска рок легенда Трајко Каров со сигурност потврди дека градот на лозјето и виното ја пишува својата нова рокенрол страница.
Продолжувајќи ја мисијата на патронот на фестивалот, организаторот и годинава ги спои македонските рок легенди кои беа долгогодишни соработници на Каров со младите надежи на кои токму тој несебично му помагаше кон патот до успехот. Па така, ден по настапите на „Тоа е Тоа“, битолските „Мадригали“, „Канго бенд“, „Сале и СРВ Бенд“, „Purple Zeppelin“, како и големото враќање на охридската група „Камелеон“ и првиот голем концерт на „Токму Така“ предводен од Бубо Каров кој започна со новиот сингл „Валкан Балкан“ и заедничката кореографија со навивачката група „Лозари“, на сцената ги видовме младите рок надежи кои оставија неверојатно силен впечаток, пред настапите на гостите на вечерта, Визија, Вертиго и македонската рок атракција Ареа.
А дека доаѓаат светли денови за македонската рок музика потврди и басистот на оригиналните постави на легендарните бендови Триангл и Конкорд, Кокан Пандиловски кој како претставник на жирито изјави дека искрено не очекувал толку добри бендови, кои не само што знаат да свират, туку знаат и да воспостават контакт со публиката. Сепак, и покрај силната конкуренција неможеше а да не да не останат забележани настапите на кумановчаните „Ептен“ кои ги добија симпатиите не само на жирито, туку и на целата публика, заслужено освојувајќи го првото место пред PM Band кои исто така имаа впечатлив перформанс, додека пак кавадарчаните Smoke Shakers ја одбранија честта на градот домаќин добивајќи го признанието за трет најдобар бенд на годинашното издание на „Т’к Так Фест“.
Никола Василевски од PM Band од семејството Карови ја прими Гран При наградата Трајко Каров која традиционално се доделува на најдобриот тапанар на фестивалот.
Со голем концерт, македонската рок атракција „Ареа“ која по четири години повторно се врати во Кавадарци, на најубав можен начин го затвори второто издание на „Т’к Так Фест“ кое и годинава го посетија над 10000 почитувачи на рок музиката.