Доделени наградите на Фестивалот „Пеце Атанасовски“

Доделени наградите на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој се одржува во општините Долнени и Прилеп …

festival pece atanasoski dolneni

Со доделување на наградите на најуспешните учесници, синоќа на Рудина кај Долнени заврши 40-от Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Гран при наградата според жирито во состав: Захаринка Милосављевиќ, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓиев, проф. д-р Родна Величковска и проф. д-р Илчо Јованов ја доби Слободан Момчилов од Националната установа „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево за огромен придонес во изучувањето и зачувувањето на изворниот фолклор од својот крај.

Наградите за најдобар комплетен настап на Фестивалот ги добија КУД „Бисер“ од Кичево и Фолклорниот анасамбл „Гоце Делчев“. Групата тапанџии на Ансамблот исполнија фолклорни ритми кои ја воодушевија публиката.

Награди за најдобар настап со гајда, поединечно, добија: Дарко Коцев од село Ињево, Радовишко, Михајло Петрески од Прилеп и 7- годишниот Давид Митев од центарот за култура „Бели Мугри“ од Кочани.

На фестивалот беа доделени и награди за настап во сите категории. Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ наградата „Гајдата на Пеце“, што ја обезбедува општина Долнени му ја додели на Анастасиос Дискос од Воден, Грција кој учествуваше на семинарот за изучување на народните инструменти и песни.

Дискос нагласи дека гајдата со години е неговата љубов кон народните инструменти.

– Со изворната музика на Пеце Атанасовски се запознав пред 20 ина години, слушајќи ги неговите аудио-касети. Сега имав од можност професорите од Факултетот за музичка уметност од Штип да учам да свирам на гајда иако гајдата е мојата љубов од поодамна. Воодушевен сум што учествував на фестивалот, изјави Дискос.

Во двете фестивалски вечери на Рудина кај Долнени, настапија околу 300 изведувачи на изворен мелос од сите краишта на Македонија. Во рамките на фестивалот се одржа и семинар за изучување на народните инструменти и песни под раководството на проф. д-р Ѓоко Ѓорѓиев на кој имаше 18 учесници од Грција, Бугарија и Македонија.

За јубилејот беше промовирана монографијата „Непресушен извор од новинарот Елизабета Митреска.

Вчера напладне се одржа трибина на тема: „Форми и содржини за презентација на изворниот фолклор“. Според директорот на фестивалот Весна Атанасовска Вучиќ, манифестацијата четири децении се труди да ги остварува главните цели.

– Фестивалот го претставува оригиналниот, изворен фолклорен мелос, што е посебноста, особеноста на еден народ. Македонскиот фолклорен мелос е богатство кое треба да се негува, да се чува, да се презентира. Мило ми е што многу млади генерации се заинтеересирани да го изучуваат. Тоа го покажа и семинарот кој за прв пат годинава се одржа, вели Атанасовска Вучиќ.

За проф. д-р Илчо Јованов, претседател на Советот на Фестивалот и декан на факултетот за музичка уметност при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип сериозно се изучуваат народните инструменти.

– Изучувањето на изворниот мелос го привлекува вниманието на новите генерации. Студентите на факултетот сериозно се заинтересирани и веќе настапуваат на Фестивалот и се наградувани, вели Јованов.

Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општините Долнени и Прилеп.

You May Also Like