Започна манифестацијата „Македонија во Шведска“

Со силен аплауз, синоќа (понеделник, 20 мај 2013 година) во концертната сала на Кралскиот филхармониски оркестар  во Стокхолм беше поздравен настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, со чиј концерт официјално започна манифестацијата „Македонија во Шведска“, која се организира по повод одбележувањето на  20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Шведска.

Во импресивниот „Концертхусет“, салата во која најдобрите се здобиваат со престижната Нобелова награда, шведската публика имаше можност да види мал дел од богатата македонска фолклорна традиција. Амбасадорот на нашата држава, националниот ансамбл „Танец“, пред шведската публика се претстави со изведбата на „Тешкото“, „Тресеница“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Драчевка“, како и со рачно изработените народни носии кои  ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи.

Пред почетокот на концертот се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на нашата земја во Шведска, Кире Илиоски.

Овој, според многумина, подвижен музеј на најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство претставува идентитет и историја на македонскиот народ и слободно можеме да кажеме дека преку многубројните настапи во Карнеги хол, Опера хаус, театарот Бољшој, овој ансамбл на сите меридијани ја  прослави Република Македонија и нејзините неповторливи културни вредности – истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека  Република Македонија и Кралството Шведска прославуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, 20 години во кои релациите меѓу нашите две држави внимателно се градеа и се негуваа на сите политички нивоа и во сите општествени сфери.


Токму затоа, овој историски датум, оваа година го одбележуваме со една манифестација која ќе ви ги доближи македонските врвни вредности, македонската богата култура и традиција која нè соединува со светот, но и нè прави посебни во европскиот културен простор – рече министерката за култура. Таа пред присутните гости најави дека во втората половина од оваа година во Шведска ќе ја претставиме и изложбата на Старите словенски ракописи, која ќе ја прикаже илјадагодишната писмена традиција на Македонија.

Амбасадорот на Република Македонија во Кралството Шведска, Кире Илиоски, истакна дека манифестацијата претставува  нов чин на пријателство меѓу Република Македонија и Кралството Шведска и се заблагодари за  конструктивната поддршка што Република Македонија во континуитет ја добива од оваа земја во напорите за остварување на својот заслужен статус во стекнувањето на своето место во Европската Унија.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на својата посета на Кралството Шведска во текот на вчерашниот ден оствари средба со финската продуцентка Сирпа Рудман, која пред две години направи репортажа за природните убавини на Македонија, Хрватска и на Црна Гора, како и со  шефот на сите почесни конзули на Финска, Гајус Гуленбогел, со кого разговараше за интензивирање на соработката со оваа земја.

Канческа-Милевска во  Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм се сретна и со  претставници на Македонскиот сојуз – заедницата на иселеници во Шведска,  на кои им се заблагодари за  активностите со кои ја промовираат Македонија во оваа земја.

На средбата разговаравме за издавачката дејност и за превод на македонски автори на шведски јазик и обратно. Ги информирав за сите инвестиции и активности што ги реализираме. Разговаравме и за одбележувањето 40 години од постоењето на црковната заедница во Шведска, што ќе биде реализирано со поддршка на Министерството за култура – рече Канческа-Милевска.

You May Also Like