Викенд агенда на Скопската недела на дизајнот

Неделата на дизајнот во Скопје продолжува со реализацијата на програмската агенда во Куршумли-Ан. Бизнис и едукативните презентации, работилниците, гастро талент лабораторијата, музичките концерти и диџеј-сетовите се распоредени во дневни дози од 10 часот претпладне до 1 часот по полноќ.

skopje_design_week_2014

 

Во сегментот на бизнис-презентации веќе го проследивме настапот на Рикардо Капузо, основач и сопственик на платформата „Design42Day“ во Италија, кој одржа предавање на тема „Здраворазумно зголемување на свесноста за брендот“. Пренесувајќи ги своите искуства од повеќегодишната презентација на дизајнерски производи Капузо нагласи дека дури и најдобриот производ нема да успеете да го пласирате на пазарот доколку не остварите добра комуникација со претприемачите и со потенцијалните купувачи на производот. Градењето и насочувањето на комуникациските способности ги подели во три сегменти: медиуми, настани и награди, и за секој сегмент детално објасни како дизајнерите да ја креираат стратегијата за комуникација. На презентацијата Капузо говореше и за искуствата со кои се здобил како член на жири за доделување награди на „Ред Дот Авардс“.

Предавање со наслов „Посттрауматски стрес дизајн“ одржа и Никола Радељковиќ од „Numen/For Use“, едно од најавангардните дизајнерски студија во светот. Во својата презентација Радељковиќ зборуваше за искуствата стекнати со различни клиенти ширум светот, а со кои стресните ситуации се појавувале во текот на реализацијата на проектите. Процесот на креација на дизајните го оддели од процесот на реализација и комуникација со клиентите, а покажа и дека ништо не е невозможно и дека многу лесно луѓето можат да прифатат и надреални дизајни доколку ги убедите во нивната функционалност и безбедност.

Во текот на видендот ќе се одржат две работилници на „Lotus design store“. Работилницата „Моден круг“, на 27 септември од 12 до 14 часот во Куршумли-Ан, е наменета за секој вљубеник во модата на возраст од 18 до 30 години и лесната и брза реализација на креативните идеи. Со работилницата ќе раководи модната дизајнерка Ирина Тошева, која своите постдипломски студии ги заврши на Академија Италијана во Фиренца. Во нејзиното портфолио се вбројуваат: шест модни колекции презентирани на десетина модни шоуа во Скопје и пошироко, десет професионални фотосесии и четири проекти како костимограф. Нејзините колекции се секогаш дел од Модниот Викенд во Скопје. Дизајнот на Тошева е дефиниран како минималистички, шарен и младешки.
Работилницата за 3Д-декорации ќе се одржи на 28 септември, од 12 до 16 часот во Куршумли-Ан, и таа ќе биде можност за младите дизајнери и уметници заедно со Анита Гај од „Lotus design store“ и „Lotus lounge chair“ да го научат процесот за создавање на 3Д декорации од рециклиран материјал.

Во рамките на „фестивалот во фестивал“ на Недела на дизајнот во Скопје на 27 и 28 септември неколку програмски сегменти ќе бидат реализирани од фестивалот „Body, Mind and Spirit“. Во претпладневните часови ќе се одржат детските работилници со наслов „Абакус магија“, на која децата над 4-годишна возраст ќе се запознаат со старата источна сметалка Абакус со помош на едукативниот центар „Светилник“. Во пладневните и попладневните часови ќе се одржат работилниците „Дизајнирајте го вашето тело“ со Тринити, „Тренинг, уметност, култура – Капоера“ со менторство на Бразилскиот културен центар во Скопје и Спортскиот боречки клуб „Капоера“, „Дизајнирај го својот живот – НЛП“ под менторство на Марина Анчевска, како и „Дизајнирај го својот оброк – дизајнирај го својот живот“ со нутриционистот Тања Турунџиева Станкоска. Во програмата ќе бидат застапени и боречките вештини за урбани воини развиени од Дана Силјан и работилницата на Златко Кескоски за Кендо – Патот на мечот и самурајскиот дух. Под менторство на Јулијана Даскалов ќе се одржи работилницата „Изградете го домот од соништата – Употреба на Фенг Шуи во дизајн на ентериерот“.

На 27 септември од 17 до 18 часот ќе се одржи презентацијата на резултатите од работилницата „loVELOvelove“, која се однесува на дизајнирање на велосипедска опрема.Во комерцијалниот сегмент на приземјето во Куршумли-Ан на Недела на дизајнот во Скопје присутни се производители, студија за дизајн, продавници, дистрибутери и самостојни дизајнери кои ги изложуваат и продаваат своите производи и услуги.
Горниот кат во Куршумли-ан е резервиран за изложбата на десет млади и модерни дизајнери од земјата во фокус – Франција, како и за изложбите на млади таленти, новоформирани студија и патувачката изложба „Млади балкански дизајнери“, која во 2014 година е со наслов „Секојдневни херои“.

Пред влезот на Куршумли-Ан се поставени дизајнерската продавница на „Капка“ и „Лудус“, каде се претставени најновите дизајнерски трендови и дадена е можноста за средба меѓу дизајнерите и публиката, и гастро-зоната во форма на отворена кујна на „Барбакан“ и пријателите, која ќе работи со полна пареа секој ден од 16 до 20 часот.
Забавниот дел на 27 и 28 септември ќе биде во знакот на групите „Заа“ и „Нејкед“ од Србија, како и на настапите на македонските диџеи Васо и Дени Трајков. Забавата на Недела на дизајнот во Скопје во Куршумли-Ан трае до 1 часот по полноќ.

You May Also Like