Во кафе – книжарницата „Магор“ вечерва (вторник, 9 октомври), со почеток во 21:00 часот, ќе се книжевна вечер посветена на Љупчо Лазаревски кој по дводецениско раководење на една од најзначајните издавачки куќи во Македонија, ненадејно почина во 2006 година.
Седма година по ред, македонските писатели и пријатели на издавачката куќа „Магор“ се собираат на книжевна вечер во чест и спомен на Лазаревски. Оваа година со читање на одломки од своите дела и по повод неговиот роденден, ќе го чествуваат писателите Александар Прокопиев, Зоран Анчевски, Ефтим Клетнов, Владимир Мартиновски, Венко Андоновски, Владимир Јанковски, Јовица Ивановски, Сузана В. Спасовска и др.
Ќе се читаат и одломки од делата на некои автори кои оваа година не можат да присуствуваат на читањето, како Томислав Османли, Никола Маџиров и Димитрие Дурацовски. Посетителите ќе имаат можност да чујат и дел од расказите на Љупчо Лазаревски.
Манифестацијата ќе биде збогатена со музичкиот настап на Оскар Салас, Тони Китановски, Марта Маркоска, групата Калевала и Владимир Мартиновски.