Со концертот „Апасионато“ вчера вечер заврши манифестацијата „Топол културен бран“ во Велес …
Со концертот насловен „Апасионато“ на виолинистката Пламенка Трајковска и нејзиниот гудачки квартет синоќа во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес заврши манифестацијата „Топол културен бран“ на Министерството за култура и Општина Велес.
Беа изведени композиции од истоимениот албум на Трајковска, кој претставува спој на класичната музика од познати композитори и современиот музички стил.
По концертот, Трајковска за МИА изјави дека иако долги години работат на популаризација на класичната музика, сепак сметале дека во едно ново, современо време мора да и се даде малку ритам на овој тип на музика за да биде поприфатена од публиката.
– Сметам дека многу поуспешно можеме да ја приближиме музиката доколку ја интерпретираме непосредно пред граѓаните на отворено, а ваквите концерти се блиски до луѓето, истакна Трајковска.
Гудачкиот квартет, освен Пламенка Трајковска на виолина, го сочинуваат и Наташа Диденко на виолина, Сања Смилевска на виола и Александра Петковска на виолончело.
извор МИА