Борис Трајанов ја толкува насловната улога во изведбата на познатата опера „Никола Шубич Зрињски“ од хрватскиот композитор и диригент Иван Драгутин Степан Зајц. Операта е на репертоарот на Хрватскиот народен театар во Сплит во периодот од 10 до 14 ноември.
Маестро Борис Трајанов, кој е професор на Факултетот за музичка уметност при УГД, досега на меѓународната оперска сцена ширум светот има повеќе од 900 забележителни настапи, толкувајќи богат репертоар од дури 41 баритонска улога од светската оперска литература.
Добитник е на значајни меѓународни признанија и награди. Во 2005 година беше прогласен за УНЕСКО уметник за мир, поради својата исклучителна солистичка кариера и настојувањата во промоција на човековите права и вредности.
Операта „Никола Шубич Зрињски“ е најпознатото хрватско музичко-сценско дело кое својата праизведба ја имаше во 1876 година. Покрај маестро Борис Трајанов, кој по вторпат ќе ја одигра улогата на Зрињски, откако во 1991 година имаше одличен настап на сплитското лето, ќе се појават и познати хрватски солисти од хрватската опера.