Женскиот младински хор при МКЦ со две златни одличја од Хрватска

Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски својот 40 годишен јубилеј го збогати со освојување на две први награди. Тие од 15-17 јуни во градот Петриња, Хрватска на петтиот меѓународен хорски натпревар „Липањски звуци“ еден од ретките натпревари во светот за еднородни хорови. Нашиот хор во двете категории, класичен хорски репертоар и фолклор, освои злато. Вредно е да се нагласи дека покрај останатите 18 ансамбли, во конкуренција беше и еден од најстарите и најдобри женски хорови од САД, хорот на универзитетот Харвард од Бостон.

Освен настапите во натпреварувачкиот дел, нашиот хор одржа и целовечерен концерт на духовна музика кој предизвика огромен интерес и извонредни реакции кај многубројната публика. Освен веќе реализираните концерти во Македонија и ова успешно претставување во странство, до крајот на годината се планираат уште два големи концерти со сосема различна програмска концепција, едниот посветен на Македонските автори а едниот со праизведба на нови композиции пишувани специјално за хорот од композиторот Александар Пејовски. Исто така се планира уште едно гостување на исклучително силен меѓународен натпревар.

Ваквите успеси хорот ги постигнува во континуитет и покрај се помалата финансиска поддршка од страна на институциите на град Скопје и Република Македонија. Оваа успешна презентација на Македонската хорска култура во странство се реализираше благодарение на соработката со колегите од Хрватска, поддршката од МКЦ како и со сопствени средства на хористките.

 

You May Also Like