Вечерва (среда, 13.03.2013) во Малата сала на Центарот за култура – Битола со почеток од 20:00 часот ќе биде прикажан етнолошкиот документарец за последниот ѕвончар во Битола, насловен како „Ни ќе го продолжи, ни ништо“. Настанот е во организација на Комисијата за култура на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.
Етнолошки документарен филм „Ни ќе го продолжи, ни ништо “
Филмот за последниот ѕвончар во Битола , претставува документирање на ѕвончарскиот занает. Целта на филмот е зачувување на техниката на изработка на ѕвонци или во овој случај, наменска изработка за потребите на филмот, како би се зачувал традиционалниот начин на изработка со традиционалните алатки и техничката способност (вештината) на мајсторот, со што останува зачувана вековната традиција на занаетот. Истражувањата се направени во 2009 год. во Битола, кај ѕвончарот Иван Илиевски роден 1942 год. и синот Благој роден 1977 год. Дедото и прадедото на Иван изработувале звонци во улицата на звончарите до 1970 год.
Битола, град со богата историска, етнолошка и културна историја има свои маркери на идентичноста. Тоа се места кои се дел од секојдневното живеење на луѓето. Од посебен интерес и значење е битолската чаршија која од минатото сеуште го има зачувано изгледот но за жал се помал е бројот на зачувани стари занаети. Битолската чаршија претставува посебен, многу значаен и интересен комплекс од турско-градска архитектура. И покрај тоа што во голема мерка го изменила својот изглед, таа е сочувана и денес. Битолската чаршија е од типот на ориентално-балканските чаршии и спаѓа во една од најголемите во Македонија.
Во Битола, град кој се развивал според ориенталните урбанистички принципи, чаршијата се развила во центарот на градот каде што се соединуваат патиштата од сите страни, а пак маалата се развиле на посебен простор подалеку од чаршиската врева каде што се подигале куќи за живеење, затворени кон улицата со пространи бавчи и богат внатрешен амбиент. За чаршијата биле важни и придружните објекти како што биле Безистенот, џамиите, ановите, караван-сараите, амамите, медресите и други објекти од општ или религиозен карактер.
“Златниот период на занаетчиството“ по бројност и видови, го достигнува во 19 век. Во тоа време постоеле низа општествено – економски фактори кои условиле да дојде до оваа појава. Како прво било зголемувањето на бројот на населението во градот, кои доаѓале да обезбедат подобра егзистенција за живеење. Населување на разни етноси кои се значајни во разноликоста на формирањето занаетчиски центар. Од средината на 19 век Битола станува центар на Европска Турција со преместувањето на седиштето на вилаетот од Софија и постојано населување на десетилјаден гарнизон во градот, како и купувачката моќ на богатиот слој граѓани што ветувала сигурна заработувачка на мајсторите.
Сите овие фактори допринеле за зголемување на потрошувачките потреби кои биле потребни на пазарот, така што градот станал наполно занаетчиски центар и го достигнал најголемиот развој . Тоа се потврдило и со појавувањето на Битола на светската занаетчиска изложба во Лондон 1862 год., и податокот од сочуваниот список на обврзници на данок што се плаќал према приходите на мајсторите “ИНТИПАС“ во 1827 година. Во него се спомнуваат 97 шивачи, 77 папуџии, 65 кебеџии, 60 терзии, 44 меанџии, 1 опинчар, 35 симитчии, сарачи и други. Споменати се над илјада занаетчии (1093) што претставува голем број.
Занаетите во овој период биле во склоп на потребите на луѓето и побарувањата неопходни за живот. Според основната суровина, занаетите можат да се групираат во 5 основни групи, и секоја се дели на подгрупи:
1. Занаети во врска со исхрана и ноќевање, каде се опфатени 40 занаети поврзани со исхрана и обезбедување и ноќевање на патници, трговци и др.
2. Занаети во врска со облека, накит и оружје.
3. Занаети во врска со изградба на станови и изработување на предмети за домашна употреба.
4. Занаети во врска со превоз на патници и товар.
5. Занаети што не спаѓаат во група
Во Битола во 19 век во професионално-сталешките организации – еснафите, влегувале сите исти или сродни занаети. Во еснафот биле само оние занаетчии кои што се занимавале со сродна стручна дејност. Еснафите непосредно произлегувале од кругот на самите занаетчии и биле сојузи кои се обединувале со цел да ги заштитат своите интереси.
Овој занает сеуште се наоѓа во улицата на “Sвончарите“ која во минатото броела 10 sвончарски дуќани што ги држеле Македонци и Власи. Оваа улица била поврзана со другите занаетчиски центри и пазари во градот. Денешниот дуќан на sвончарот Иван Ивановски во улицата на sвончарите како што сеуште луѓето во градот ја препознаваат, може да биде несекојдневна знаменитост на градот. Во овој дуќан денес повеќе не се изработуваат оние производи што биле главни во минатиот век, шандани, леени ѕвонци, прапорци, камбани по нарачка, месингани рачки за кантар, паланзи, леени авани, клопотарци.. Се изработувале 3 типови на клопотарци јанински, солунски, клекачки, клопотарци за овци, кози, бравови, маски, магариња. Денес со овој занает, ретко, по порачка се изработуваат на традиционален начин само клопотарци. Како еснафски ден според календарот по стар стил sвончарите заедно со леарите, пушкарите и паурџиите го прославуваа Цар Константин и Елена.
Значајно обележие на овој занает е тоа што сеуште оваа улица и денес луѓето ја нарекуваат “кај ѕвончарите“ иако овде е само еден мајстор, а оваа улица која во минатото продолжувала до градскиот саат сега е скратена со изградба на зграда. Но и ова претставува извонреден пример на долговековна зачуваност на називите што биле во минатото поврзани со многубројни називи на пазари и делови на одредени занаетчии.
Во Битола имало 30 чисто занаетчиски делови од чаршијата од кои што треба да се одбележат “Кај наланџиите“, “Кај чешларите“, “Кај папуџиите“, “Кај бојаџиите“, “ Кај амберџиите“ “Кај Сарачите “, “кај опинчарите“ месност “Кај јорганџиите” “Кај рогузинарите”, “Кај казанџиите”, “Влашка чаршија”. Во близина на ленски мост беа стомнарите, до нив леарите а нешто подолу јажарите. Во овој дел се наоѓаа клинчари, ковачи и еден поголем дел од налбатите. Други делови од чаршијата беа “Кај ралата”, “Сара – бакалци”, “Кај волнарите” и Безистенот.
Последиот ѕвончар во Македонија, кој како императив од минатото опстојува денес, може да прерасне во своевиден бренд на производ и обележје на поранешната економска моќ на битолската чаршијата и би одекнувал во иднината. Наследниците кои би ги произведувале традиционалните производи мораат да бидат свесни за важноста за зачувување на традициските алатки бидејќи единствено на тој начин произведениот предмет, кој е апсолутно идентичен на истиот традиционален предмет, ќе биде прав бренд на традиционалното производство.