Деновиве некои од најголемите германски издавачки куќи, се во жестока дебата за следење на примерот на американските методи за корегирање на литературните производи од минатото, со современото политички коректно изразување…
Поточно, дел од германското издаваштво најави почеток, на акција за исфрлање од употреба на некоректните социјални лексики од делата на различни, веќе класични детски автори.
Пред некоја година, САД имаше иста иницијатива да бидат исчистени творбите на Марк Твен од зборот „црнец“ – негро, кој се среќава како што добро знаеме насекаде во неговите новели за Том Соер и Хаклбери Фин.
Во овој текст ќе се сконцентрираме врз проблемот на тоа, дали треба (и до кој степен) белетристичките текстови за деца, кои никнале во различен период од современата социо-култура денес, да бидат преведени во склад со барањата на денешното политичко говорење.
За да бидеме јасни, уште на почеток ќе ги кажеме имињата на издавачките куќи од Германија , за кои „Дојче Веле“ пишуваше пред некој ден, дека се решиле на таа смела постапка. Нај свеж е случајот со Штутгартското издаваштво – „Тинеман“, едно од најстарите и реномирани во земјата, кое прво ја редактирало „Малата вештерка“ на Отфрид Пројслер. Производот, кој носи светска слава одамна е меѓу најчитаните детски дела не само во Германија, но и во цел свет.
Следна во групата е издавачката куќа „Фридрих Јотингер“, која се „потрудила“ да го поправи јазикот на „Пипи Долгото Чорапче“ и на неколку други книги на Астрид Линдгрен. Како резултат на тоа се отстранети сите појави на дискриминација во смисла на зборчето „црнец“ или „циган“.
Според информација од Германските медиуми, негативната реакција на 89 годишниот Отфрид Пројслер , спрема издаваштвото „Тинеман“ била залудна и мислењето на авторот за корекциите на неговото дело, било неважно. Книгите на Пројслер, слични на тие на Астрид Линдгрен се ослободени од расистички и дискриминаторски пораки…
Сведоци сме дека во последно време се повеќе, се вршат промени на текстови независно дали авторите се живи или не. Промената на оригинал (чиј што господар е само нeговиот создавач), која се врши под дејство на вакви “морални“ одлуки на издавачките куќи, е всушност цинична и груба демонстрација на сила. Авторот често е поразениот во овој однос. Такви се тенденциите во издавањето книги, денес.
Проблемот со поставениот модел на политички коректен речник бара решение, кое често е проследено со навиките на еден јазичен и културен бекграунд.
Во оваа смисла, унификацијата на разни смислени несоодветни термини со општата блага етимологија, му смета на детето кое чита денес, да ја забележи разликата на минатото кон идинанта, и да ја осознае како таква, развивајќи осет за историската суштина.
Адаптирањето на делата ги лишува децата од можноста да прават паралели. Читајќи преправени текстови, нашите деца собираат информации од изменета, или поточно, лажна историја.
Како млaдите тогаш би можеле да го преценат општеството во кое живеат, со тоа од пред 100-150 години?
Корекциите на „Пипи Долгото Чорапче“ и „Малата вештерка“ се доказ и за нешто друго, поврзано со нас, возрасните. За тоа дека не сме способни да го прифатиме минатото, дека бегаме од него, независно од сите декларации и спогодби. Се движиме кон еден стерилен свет, кој не е добар.
Автор :Лазар Ѓорѓиевски