Драменбејс артистот Side1 во Капан Ан

Денеска (23 март, сабота), со поддршка на Културно-информативниот центар Спона, во Капан Ан ќе настапи еден од најистакнатите драменбејс артисти од Србија – Side1. Забавата започнува на полноќ.

Белграѓанинот Владимир Бокан, кој настапува под сценското име Side1, се наоѓа во самиот врв на српската андерграунд клупска сцена.

Подеднакво успешен како диџеј и продуцент, Бокан негува софистициран стил, кокетира со бројни музички влијанија и често е потенциран како еден од најперспективните продуценти во регионов. Слушајќи го неговиот материјал, ќе забележите дека е во значителна мерка инспириран од жанрови како фанк, соул и џез. Како влијанија во творештвото, Side1 ги потенцира: Pete Rock, Calibre, Marky и LTJ Bukem. Музичките парчиња на Side1, можат да се чујат ширум планетава, во сетовите на величини какви се: Big Bud, Fabio, LTJ Bukem, Nookie, PFM и Crissy Criss.

Side1 е докажан диџеј со бројни успешни настапи позади себе. Бележи голем број гостувања во регионов, а се представил и на EXIT фестивалот. DJ пултот го има делено со: DJ Marky & MC Stamina, Bryan Gee, Danny Byrd, Adam F, A.I., EZ Rollers, 4Hero и други познати изведувачи. Редовно настапува во најголемите белградски клубови. “Виновен” е за најпопуларните клупски вечери во Белград, наречени “All That Bass”, кои ги реализира заедно со диџеите Rahmanee и Necone.

Side1 има до сега неколку пати гостувано во Скопје. Секој пат приреди одлично доживување и беше испратен со аплаузи, така да ни предстои добра забава. Soulful и deep обоениот liquid funk кој го презентира Side1, никого не остава рамнодушен.

Во Капан Ан ќе пловат емоции и сите што ќе дојдат ќе имаат можност да ја почувствуваат душата на драменбејсот. Во цртањето на звучниот пејзаж ќе се приклучат и домашните диџеи Ogie и Дарко Степиќ.

Гостувањето на Side1 се реализира на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.

You May Also Like