Вечер се отвора Градската плажа „Камени мост“

Со концертот на хрватскиот состав „Антенат“, вечер (8 јуни 2013 година, сабота), во 20 часот, официјално ќе биде отворена втората сезона на Градската плажа „Камен мост“.

Составот „Антенат“ и музиката која тие ја творат е гаранција за одлична забава, а за засилување на позитивните вибрации на овој концерт ќе се придружат младите реге сили Коноп и Гето руди.

Хрватскиот состав кој во моментов е на балканска турнеја, прв пат доаѓа во Скопје и тоа со самостоен концерт. Бендот Антенат, по двата успешни албуми, „Subing“ и „Караван“ и  над 300 концерти во регионот и Европа, доаѓа за да го промовира својот нов албум насловен „Излет”.

„Антенат“ направи патување до нов звук, нови музички правци со кои го збогати својот субреге мозаик; излет на лајв-свирка, бидејќи единаесетте нови песни се снимени во живо; патување до нови соработки со старите пријатели: на албумот гостуваат Жулиен Бордиер (Julien Bordier (бенд Joke)) и Ана Фабијаниќ, а виолончело свири Станко Ковачиќ.

Ова е само почеток на уште едно жешко лето на плажата, а наскоро ќе биде објавена и целосната програма. Во текот на овие четири месеци планирани се киновечери и проекции на култни македонски и странски филмови, фестивал на кратки филмски форми, изложби на млади уметници и фотографи, спортски турнири, матине и  караоке забави.

Градска плажа „Камен мост“ располага со 5 урбано наместени шанкови за продажба на храна и пијалаци, една голема бина што се наоѓа над реката по средината на плажата и со 157 квадратни метри површина платформи(декови)за поставување маси и столови за потрошувачите и рекреативците. На располагање и ова лето стои и одбојкарското игралиште,  како и огромниот простор од 1000  квадратни метри чиста морска песок и камчиња.

You May Also Like