Дождот не ги спречи илјадниците вљубеници во филмот во саботата (15 септември, 2012 година) да присуствуваат на премиерата на долгонајавуваниот и се уште не доснимен, а напаѓан филм во бугарските медиуми, „Трето полувреме“.
На црвениот тепих во стилот на големите фестивали, стапна целата екипа на „Трето полувреме“, бројните филмски гости од Македонија и од светот, потоа дел од амбасадорскиот кор и од државниот и локалниот врв, меѓу кои Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, како и параолимпијката Оливера Наковска-Бикова.
Вечерта продолжи со премиерата на филмот на режисерот Дарко Митревски, а помина без здив и со неколку интервенции на аплаузи од публиката. По речиси двочасовната задлабоченост на салата во приказната на една млада Еврејка во Скопје сред виорот на Втората светска војна, вовлечена во судбоносен фудбалски порив и амбиција на еден млад тим, вечерта кулминираше со поклонувањето на екипата на сцена.
„Овој филм е посветен на Нета Коен, но и на многу други кои оваа вечер не се со нас. Посветен е на сенките на 11 храбри синови на спортскиот клуб „Македонија“. Посветен е на 98 проценти од еврејската популација во Македонија, која исчезна во само еден единствен ден. И посветен е на 20 илјади животи кои паднаа во Втората светска војна во борбата против фашизмот. Да не беа тие луѓе, ќе немаше вечерва ни фестивал, ќе немаше ниту кинематографија, ќе не’ немаше ниту нас. А ќе ја немаше ни Македонија“, рече во своето обраќање режисерот Митревски.
Митревски, после громогласната реакција на публиката, призна дека е исполнет што после 12 години конечно се отелотоворила неговата идеја.
Поради големата заинтересираност „Трето полувреме“ на полноќ имаше уште една проекција .
Видео на ТВ Тера- Битола од пресот на Дарко Митревски, режисерот на Трето полувреме.