Продолжен рокот за пријавување на „Лузер фест“

„Таксират“ оваа година го најави враќањето на „Лузер Фест“ – фестивалот посветен на „таксиратот“ на младите неафирмирани музичари и по бројот на пристигнати пријави, обновувањето на оваа традиција веќе се покажа дека е долгоочекуван предизвик за музичарите за кои „лузер“ е подобар „таксират“ од „тезга“.

 

loser_fest_2014

Финалниот рок за пријавување на бендовите е до 31. октомври 2014, а се спроведува преку и-мејл адресата info@password.mk .

Организаторите велат: „По барањата кои стигнаа од дел од бендовите, на кои им е потребно дополнително време за подготовка на материјалите, ве известуваме дека „ТАКСИРАТ“ го продолжува конкурсот за учество на „Лузер Фест“ за дополнителни 8 дена.
Ги повикуваме сите македонски млади или стари, но неоткриени бендови да ја искористат оваа можност да ги вкрстат своите инструменти и да се натпреваруваат за наградите на „Лузер фест“.

За да се пријават на конкурсот, музичките групи треба во електронски формат да достават:
·         три досега необјавени авторски песни (во било кој аудио формат),
·         контакти,
·         фотографија и
·         кратка биографија на бендот и членовите.

Наградите кои „Таксират“ фестивал ги обезбеди за победниците се ретка прилика за промоција и развој на новите бендови.

Што ветува Таксират:

Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“;
Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
„ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе одбере да учествува како свој претставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

„Лузер Фест“ како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, годинава, по пауза од пет години, ќе се одржи на 29. ноември во Младинскиот културен центар во Скопје! Право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на отворениот фестивалски конкурс.

You May Also Like