Катрин Денев одржа мастер клас во Битола

На Катрин Денев очигледно и ласкаше енергијата на публиката во Битола, бидејќи наместо закажаните 20 минути, денешната средба (недела,16 септември, 2012 година) со околу триста филмофили, новинари, студенти и филмски автори, се пролонгира и траеше речиси час.

 

„Секоја жена е феминистка, барем малку во себе.  Но јас не сум нападен феминист иако секогаш сум на страната на жените. Растена сум со две сестри“, изјави легендарната актерка Катрин Денев  на денешната средба во битолскиот центар за култура.

Денев на мастер класата изјави дека идоли и се американските актерки од четриесетите  и  педесетите години на минатиот век поради нивната остроумност и интелигенција,а покрај Мерлин Монро нагласи дека Керол Ломбарт и е омилена актерка.

Во разговорот таа се потсети и на нејзините први искуства во филмскиот свет и кажа дека за разлика од денешната дигитална технологија, филмовите во минатото налагале голема физичка кондиција од актерите. Специјалните ефекти се правеле на лице место.Кој знае, можеби и затоа ги сакам филмовите со вампири – изјави Денев на средбата.

 

___________________________

Годинашното, 33. издание на Фестивалот, се одржува од 15 до 21 септември 2012 година, традиционално во Битола, под мотото „Продолжи да создаваш“.

Интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година во Битола, е организиран од Друштвото на филмските работници на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на РМ и е поддржан од Министерството за култура, Филмскиот фонд на Македонија, Општина Битола и Амбасадата на кралството Холандија. Официјален партнер е Вип, генерален спонзор е Шпаркасе банка.

 

You May Also Like