Во Мултимедијалниот центар Мала станица, утре вечер (четврток, 23 февруари 2012 година) со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на објекти и цртежи на академскиот графичар Тони Васиќ. На изложбата со наслов „Архи-Архетипски Слики“ ќе бидат изложени вкупно 14 објекти и 20 цртежи.
„Со најновиот проект, македонскиот графичар Тони Васиќ, под наслов „Архи-Архетипски Слики“, се претставува со цртежи и објекти, што им ги посветува на суштествата, со кои се занимаваат науките за птиците и за инсектите (орнитологијата и ентомологијата).
Интегралниот проект претставува надополнување на неговиот претходно реализиран и презентиран концепт. Имено, симулираното миметичко третирање на објектите за кои што е карактеристична употребата на богатство од различно обоени природни материјали (тврди, меки, фрагилни, тешки и лесни – пердуви, бодликава жица, клинци, лушпи од јајца, пеперутки и сл.), Васиќ во актуелниот проект го надополнува и го синхронизира со цртежи, чии архетипови се препознаваат во геометриските форми кои¬што непосредно кореспондираат со елементите од објектите. Проектот е генериран од древните, од „пра-архитектонските“ објекти, што егзистирале далеку пред првите архитектонски креации на човекот.
На богатата барокизирана поетика на објектите, авторот им ги сопоставува лапидарните, апстрактно компонирани студии на цртежите. Со нивната пластична, прецизна, минуциозна обработка, ни ги открива оптичкоилузионистичките ефекти на тридимензионалноста, низ чии скриени архетипски симболи, ни ја презентира загатката за глобалниот свет на природата. Преку вештата, виртуелна 3Д обработка на архетипските слики (кругот, квадратот, спиралата, крстот итн. во кои се кондензирани бројните симболи и референци), Васиќ на еден суптилен начин ги поврзува апстрахираните мотиви на гнездата со објектите, проширувајќи го нивното комплексно значење, кое не се однесува само на птиците, туку и на сеопштиот универзален свет на човекот и на природата…
Васиќ, овој проект, истовремено им го посветил и на природата и на човекот, зашто присуството на гнездата, не ја претставува само метафората на домот, туку и метафората на колевката, на мес¬тото каде се раѓа, започнува и напушта животот.”
______________________________________
Тони Васиќ е роден 1966 година во Скопје. Дипломирал 1991 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Магистрирал 2002 година на истиот факултет во Скопје, на катедрата за графика. Член е на ДЛУМ од 1991 година. Досега реализирал 9 самостојни изложби во Македонија и во странство. Учествувал на преку 150 домашни и меѓународни групни изложби, претежно од областа на графиката. Добитник е на 11 домашни и меѓународни награди за уметност и дизајн, меѓу кои и Гран-при на 13-тиот Зимскиот салон на ДЛУМ за 2010 година. Професионално се занимава со ликовна уметност и дизајн. Работи на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, како професор на Факултетот за Архитектура и Дизајн.