Доделени 11-то октомвриските награди за животно дело

Во Собранието на Република Македонија денес беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело, за 2014 година …

priznanie 11 okt vanja lazarovaВо областа на науката и образованието наградата ја добија алергологот и пулмолог проф. д-р Дејан Докиќ и историчарот проф. д-р Зоран Тодоровски, а во областа на културата – музичарот, диригент и педагог Рамадан Шукри, доајенката на македонската народна песна Вања Лазарова и академик Катица Ќулавкова.

Наградите ги врачи академикот Митко Маџунков, претседател на Одборот за доделување на државната наградата. Тој истакна дека без оглед на тоа каков е односот на светот кон нас, ние нашиот свет треба да го сочуваме и да го оставиме поубав одошто сме го добиле како животен дар.

– Тоа е можно само ако го дадеме од себе најдоброто, како што е случајот со овие истакнати личности што денес ги наградуваме. Наградите се доделуваат за да се потсетиме дека над нас има нешто што не надраснува, што е поважно од нас самите. Тоа се делата на таквите личности што го вградиле својот живот трајно во уметнички и научни дела и што го ширеле и го шират гласот за нас до сите катчиња на нашата планета, рече Маџунков.

priznanija 11okt ziv delo 1

Во име на петте годинашни добитници на наградата „11 Октомври“ се заблагодари академик Катица Ќулавкова, која истакна дека датумот 11 Октомври 1941 е длабоко и заветно втиснат во македонската национална свест и, како што рече, го одржува свежо сеќавањето на преломниот период од поновата македонска историја, кога се создава современата македонска национална и граѓанска држава и нејзините институции.

– Во темелите на современата македонска држава, како впрочем во темелите на секоја цивилизирана држава, е поставен идеалот на слободата… Да се освои просторот на слободата значи да се има визија, да се сочува слободата значи да се има капацитет – јазичен, културен, уметнички, научно-истражувачки, креативен и институционален, рече Ќулавкова.

You May Also Like