Прилепскиот театар со бесплатната изведба на претставата ,,Многу врева за ништо,, во режија на Ива Милошевиќ, вечерва (среда) од 19:30 часот, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот – 27 март.
Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја проследат игривата и релаксирана современа претстава која има универзални вредности, едноставна и приемчива претстава која плени и разгалува.
При тоа ќе биде прочитана македонската порака од актерот и професор Мими Таневска која му другото посочува дека Театарот треба да е отворена врата за сите храбри, авангардни и креативни идеи.
– Отворена врата за секоја генерација на театарски создаватели кои се должни да го наградуваат и да го унапредуваат. Театарот е континуитет и мора постојано да се движи напред, не смее да има празен од. Театарот треба да биде доследен на својата цел: да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да открива, да го одбира и да оди по патот на вистината, да го покренува духот, да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради вистински естетски критериуми, да провоцира, да го брани својот интегритет, да ги крши конвенциите… , вели во пораката Таневска.
Светската порака е од Дарио Фо, италијански драмски писател, режисер и актер, добитник на Нобеловата награда за книжевност, во која се вели дека денес актерите и ансамблите се соочуваат со тешкотии во пронаоѓање театарски сцени и публика, се поради кризата.