Со насловот „Црта,црта,цртичка“ Друштвото на ликовни уметници на Македонија утре (вторник, 20 ноември, 2012) во 20:00 часот, во Галеријата на АРМ ќе ја отвора изложбата на експериментален цртеж. На изложбата ќе се претстават 36 автори со 46 дела.
Идејата за рецентност, ангажираност, субверзивност, неоконцептуалност и сл. кај нас најчесто се поврзуваше со инсталации, перформанси или видеа заради нивната сугестивност, непосредност, документаристичност и сл. Во светот веќе одамна се напуштени тие предрасуди визави медиумите. Цртежот подеднакво може да биде и фантастичен и експресионистички но и ангажиран и концептуален. Токму таа негова флексибилност и непосредност го прави толку фасцинантен и привлечен овозможувајќи му да го издржи тестот на времето од времето на пештерските цртежи во Ласко до денешни дни.
На оваа изложба ќе бидат опфатени автори со различен стилски сензибилитет (од разни видови на нова фигурација-експресионистички израз, наивно поимување, стриповска наративност, илустрација и фантастична комбинаторика преку различни видови на апстракција- геометриски структури, минималистички знаци, лиричност па се до ангажирани и неоконцептуални дела на автори од помладата генерација.
Изложбата ќе биде пионерски обид да му го врати на цртежот сјајот местото коешто му припаѓа и да понуди една нова визија преку негово редефинирање, реинтерпретирање и крајно сериозен третман, како иконографски, така и идејно.