Испитната претстава „Во потрага по Данил Хармс“ на студентите од катедрата за драмски актери при Факултетот за драмски уметности во класата на проф. Владимир Милчин, проф. Сузана Киранџиска и асс. Кристина Леловац од 22 до 27 јуни ќе бидат дел од 19 Интернационален фестивал на театарски академии Istropolitana Project ’12 во организација на Академијата за изведувачки уметности во Братислава.
Претствата е работена во шестиот семестар по предметот Актерска игра и е селектирана во натпреварувачката програма на фестивалот и ќе се одигра на 25.06. на сцената на Театарот Мала Сцена СНУ, а во рамки на придружната програма, на 27.06. класата ќе се претстави и со триесетминутен уличен перформанс на плоштадот Hviezdoslavovo námestie во центарт на Братислава.
Фестивалот Istropolitana Project нуди увид во најуспешните достигнувања во продукцијата на театарските академии во изминатите две години. Селекцијата се прави меѓу најдобрите продукции креирани од студентите на факултетите за драмски уметности – идните професионалци во сферата на театарот и изведувачките уметности од целиот свет. Во долгата и успешна историја на фестивалот земале учество повеќе од 84 факултети. Меѓународно жири, составено од познати професионалци во сферата на театарот и изведувачките уметности одлучува за наградите што се доделуваат во три категории, а публиката ќе ја избере најупешната претстава на фестивалот.
————————————————————-
Инаку претставата „Во потрага по Данил Хармс“ е работена во согласонст со филозофијата и начинот на организација на студиите по актерство на УКИМ Факултетот за драмски уметности – Скопје, спроед кои, во шестиот семестар од студентите се очекува да достигнат разбирање за театарските жанрови како трагична фарса, гротеска и театар на апсурд, во кои се испреплетуваат трагичното и комичното. Темпото и ритамот на актерскиот израз се артикулираат низ специфична жанрвска и стилистича рамка. Стилизацијата на сценскиот говор и физичко дејство е новото искуство со кое се соочуваат студентите.
Индивидуалните и групни импровизации, инспирирани од кратките раскази на Данил Хармс, меѓу кои „Стариците што паѓаат“, „Симфонија“, „Почеток на убавиот летен ден“, „Случки“, неговите песни „Несега“ и „Пиф Паф Пуф“, неговите кратки дневнички записи и документите од истрагите и судењето во процесот воден против него од НКВД како против антисоветски елемент, се основа на „Во потрага по Данил Хармс“. Испревртениот свет од литературата на Хармс – недостатокот на логика и конкретност, постојаното испреплетување на реалноста и фантазијата, на сништата и кошмарите, карактерите без индивидуалност и интегритет и неочекуваните пресврти – ја сочинуваат тематската рамка на претставата.